Свет
11. October 2025 - 9:28

Мерц му вети на Зеленски засилен притисок врз Москва и проширена одбранбена соработка

Германскиот канцелар Фридрих Мерц во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе го засили притисокот врз Москва, јави ДПА.

-Канцеларот му вети (на Зеленски) дека Германија ќе ја продолжи својата поддршка и ќе ја прошири соработката во одбранбената индустрија, изјави владиниот портпарол Штефан Корнелиус.

Корнелиус додаде дека Германија, заедно со своите западни партнери, ќе го засили притисокот врз Москва.

На социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер), Зеленски му се заблагодари на Мерц за поддршката.

„Денеска Русија изврши терористички напад врз Украина, таргетирајќи ја нашата енергетика и користејќи стотици дронови и десетици проектили“, напиша синоќа Зеленски.

Тој потенцираше дека „Германија даде значаен придонес за заштитата на нашиот народ“.

„Многу ја цениме солидарноста и поддршката на Германија“, заклучи украинскиот претседател.

 

МИА