Македонија
30. December 2016 - 13:40

Штипскиот градоначалник си го плати данокот на имот за 2017 година

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев денеска го плати данокот на имот за  2017 година на сметка на Општина Штип.

Раководителот на секторот за фиансии во Општина Штип, Павле Митов му го предаде решението за данок на имот на име на градоначалникот и на неговото потесно семејство. Захариев вели дека пораката е до граѓаните и тие да си го платат данокот на имот кога ќе им се врачат решенијата, бидејќи од овие средства се градат нови улици, водоводни и канализациони мрежи, тротоарни површини, а се реализираат и низа на проекти во училиштата и детските градинки.

-Плаќањето на данок е граѓанска обврска, данокот на имот не е голем и ако навреме се плаќа данокот ќе значи и реализација на проектите уште во стартот на наредната година.  Граѓаните покажаа голема одговорност во текот на 2016 година. Верувам дека граѓаните и правните лица ќе имаат одговорност, а ние како општина можеме да ветиме дека со раелизација на буџетот ќе значи и полна реализација на сите оние проекти, кои ги ставивме во Програмата за 2017 година. Што ќе значи поекономски развиен град, посреден и поуреден и верувајте дека Штип ќе биде убав и пристоен град за живеење, вели Захариев.

Раководителот на Секторот за финансии во општина Штип Павле Митов истакна дека за наредната година од данокот на имот е предвидено во буџетот да се инкасираат околу милион евра.

- Решенијата за данок на имот ќе се доставуваат од почетокот на наредната година до февруари. Значи на сите без разлика дали се физички или правни лица. Физички лица има некаде околу 16.500 даночни обврзници, а правните субјекти се околу 270, сметаме дека и за наредната година ќе ги собереме сите средства. Доколку несовесните плаќачи не извршат наплата на данокот, во тој случај ќе мораме по присилен пат да го наплатиме, а тоа е најлошата варијанта. Затоа ги молеме граѓани до крајниот рок 15 ноември да си ги измируваат своите обврски, за да може да се раелизираат сите проекти, вели Митов.

Потенцира дека како општина се задоволни од наплатата на данокот на имот за 2016 година, бидејќи кај правните лица наплатата е 100 проценти, а кај домаќинствата околу 85 проценти.