Македонија
8. November 2025 - 20:40

Алиу: Примената на вештачката интелигенција во медицината помага за подобрување на дијагностиката

Примената на вештачка интелигенција има голем потенцијал да ја подобри дијагностиката, персонализираната медицина, откривањето нови лекови и молекули кои ќе овозможат одредени болести многу подобро да се лекуваат со помалку нус појави.

Исто така, таа ќе помага во намалувањето на времето коешто лекарите и медицинскиот персонал го трошат на административно работење. Ова се дел од заклучоците од овогодишното издание на „HEALTH INNOVATION EXPO 2025“ – најсовремениот Саем за медицина, стоматологија и фармација, кој денеска и утре се одржува во Скопје.

На Саемот беше посочено дека вештачката интелигенција треба да биде интегрирана заедно со медицинскиот персонал со лекарите и таа ќе даде дополнителна вредност, односно дополнителна способност и вештина на медицинските лица во обезбедување подобра здравствена заштита на самите пациенти, а не нивна замена.

Министерот за здравство, Азир Алиу истакна дека дигиталната трансформација во здравствениот систем не е едноставна, бидејќи, како што рече, еко-системот во секоја земја е комплициран.

-Ценам дека чекалните со пациенти кои имаат папки и ќесиња со документи треба да биде минато, историја. Знаете дека еден од клучните пет столба кои ги имаме како Министерство е дигиталната трансформација. Дигиталната трансформација во здравствениот систем не е едноставна, бидејќи еко-систем како во секоја земја е комплициран. А кога се прави свичување од еден во друг процес, дигитализирање на процесите, тогаш треба и обуки и заеднички пристап и на приватните и државните институции со цел таа дигитална трансформација да не биде скенирање и дигитализација на документи, туку да донесе автоматизирани и дигитализирани процеси во здравството, рече тој.

Министерот нагласи дека за да имаме алгоритми што обработуваат и алармираат за некој процес во здравството, вие морате да имате интегриран систем кој што црпи податоци од секоја здравствена институција во државата.

-Првиот наш чекор беше тоа – мапирање на здравствените институции и од аспект инфраструктура, човечки капацитети и сервиси коишто ги нудат. Еден од податоците веќе е јавно достапен на нашата веб-страна и веќе имате податоци за здравствени институции обработени од нашиот систем. Многу скоро, најверојатно за недела-две ќе имаме прес-конференција за човечките капацитети во државата кои ги кластериравме на доктори, медицински сестри, технички персонал. Врз основа на тие податоци на човечки ресурси, ние ќе треба да дефинираме и мапираме кој тип на протоколи ќе ги дефинирани, а поврзани со дигиталните процеси во здравството. И понатаму сите алгоритми поврзани со вештачката интелигенција ќе бидат алатки коишто ќе помагаат на дневна основа и за медицинскиот персонал и за докторите, но и за пациентите. Тие се алатки коишто постигнуваат интеракција помеѓу здравствениот систем и пациентот и целта на тие алатки не е да се менува доктор со машина или алгоритам, туку тие да бидат алатки што ќе помагаат и ќе носат здравствени услуги кои ќе бидат во реално време, попрецизни и достапни од секоја точка. Фактички, здравството да биде поблиску до граѓаните, а не граѓанинот да трча по здравствени институции, рече тој.

Алиу информира дека веќе работат на пилот проект во два града – во Дебар и во Делчево за теле-медицина. Потенцира дека работат и на измени на 12 закони кои се однесуваат на здравствената заштита.

-Ќе имаме центар за теле-медицина, кој во првата фаза ќе почнеме и веќе е при крај проектот за консултации помеѓу специјалисти и пациенти во овие два града и понатаму ќе се развие тој протокол за да може да биде дел од здравствената инфраструктура и теле-медицината. Во моментот работиме на промена на 12 закони – во Законот за здравствена заштита ќе има поглавје за дигитална трансформација на здравството, бидејќи во моментот немаме дефинирани протоколи за нудење на здравствени услуги преку теле-медицина или преку дигитални алатки. Сите здравствени институции се известени од страна на Министерството за здравство. Технички гејтот е отворен, значи имаме двојна комуникација помеѓу нашиот систем и здравствени систем. Идејата е дека државата треба да креира протоколи и правила, додека сите здравствени институции во државата треба да ги следат и да се адаптираат на тие протоколи и правила и тоа ние го направивме – креиравме стандарди и протоколи за комуникација помеѓу институциите и тоа е во согласност со европските стандарди. Ние мора да креираме здравствен систем кој ќе биде централизиран и за кој ќе имаме јасна здравствена слика за секој наш граѓанин, без разлика дали тој црпи здравствени услуги од приватна или државна здравствена институција, рече министерот Алиу.

Алиу истакна дека лекарите не треба да се плашат дека вештачката интелигенција ќе им го заземе местото во здравствените установи.

-Не треба да се плашат. Мојот докторат е поврзан со медицина. Јас пред околу 15 години имав докторат кој се поврзува со дигитализација и детектирање на мирко-фалсификати во радиологија. Тогаш беа првите почетоци на тоа како треба  технологијата да биде дел од здравствениот систем. И тогаш имаше вакви прашања – дали вашите софтвери ќе не менуваат нас како доктори? За наша среќа, денеска технологијата е дел од нивниот секојдневен живот и тие гледаат реално спас во дигиталните содржини и таа технологија е вклучена во нивниот секојдневен живот. Ние веќе имаме дигитални решенија кои се препознатливи не само кај нас, туку и надвор од државата. Како што е Мој термин, кој е функционален, функционира и е една добра база за дигитализација. Дигитална трансформација на здравството веќе постои кај нас, само треба да се надополни со други компоненти и елементи и да имаме здравствен систем во кој секој од нас папката за нашата здравствена картичка ќе ја имаме на нашиот мобилен телефон, а не да трчаме со папки и ќесиња пред доктор. Треба да креираме здравство во кое податоците ќе ги следат пациентите, а не пациентите да трчаат по податоци, рече Алиу и најави дека за брзо време ќе имаат прес-конференција на која ќе биде претставено логото - една ќесе и црта, со кое кесата веќе не треба да се носи и да биде дел од нас. 

Професорот Орце Симов нагласи дека примената на вештачката интелигенција и дигиталната трансформација во здравството имаат голем потенцијал во подобрувањето на дијагностиката и персонализираната медицина, но и во откривањето на нови лекови и молекули кои, како што рече, ќе овозможат одредени болести многу подобро да се лекуваат со помалку нус појави. 

-Исто така, имаат потенцијал и да го намалат времето коешто лекарите и медицинскиот персонал го трошат на административно работење. Многу истражувања покажуваат дека до 2030 година во светот ќе недостигаат околу 18 милиони здравствени работници, од кои најмалку 5 милиони ќе бидат лекари. Јас во блиска, па и во средна иднина, улогата на дигиталната трансформација, особено на вештачката интелигенција ја гледам интегрирана заедно со медицинскиот персонал со лекарите и таа ќе даде дополнителна вредност, односно дополнителна способност и вештина на луѓето кои се медицински лица во обезбедување на подобра здравствена заштита на самите пациенти, а не нивна замена, рече Симов.

И докторот Александар Манолев истакна дека лекарите не треба да се плашат од примената на вештачката интелигенција во здравството. Потенцира дека лекарите треба да имаат поголема контрола во користењето на вештачката интелигенција.

-Напротив. Веќе светската пракса полека покажува дека во добар дел од медицинските сектори има олеснување. Се разбира дека ќе биде голема дозата на внимателност, мора да имаме поголема контрола во користењето на она што е ChatGPT, вештачка интелигенција. Од тоа не треба да се плашиме. Треба повеќе да размислуваме на тоа да го унапредуваме, бидејќи ако бегаме од дискусијата во таа насока тогаш ќе имаме многу повеќе грешки. Идејата на медицината е преку користењето на вештачката интелигенција да се намали грешката на лекарот, меѓу другото и да се направи подобрување во имплементацијата на дијагностички и терапевтски протоколи. Сум за тоа, но со голема доза внимавање и употреба на сите овие параметри, рече Манолев.

Саем за медицина, стоматологија и фармација – Health Innovation Expo 2025 е во организација на Комората на приватно здравство на Македонија. На саемот учествуваат експерти, компании и институции кои ќе ги претстават своите иновативни решенија преку јавни трибини, предавања и саемски презентации.

Од Комората информираа дека во ова прво саемско издание акцентот е ставен на технолошките иновации со фокус на развојот и правилната примена на вештачката интелигенција, која несомнено ќе придонесе за олеснување на секојдневната клиничка пракса и ќе ја надополни дигитализацијата во здравството.

Фокусот на овие технологии е одлична можност за сите заинтересирани компании да ги претстават своите решенија и технолошки достигнувања – преку јавни трибини со учество на експерти и институции, како и преку класично саемско експонирање, посочуваат од Комората и додаваат дека очекуваат квалитетна понуда наменета за повеќе од 5.500 приватни здравствени установи, над 30.000 здравствени работници во приватното здравство и над 33.000 вработени во јавниот здравствен сектор.

 

МИА