Македонија
26. јуни 2024 - 9:03

Штети во Свети Николе и Неготино поради невреме, четири пожари на отворено, известува ЦУК

Невремето што го зафати вчера регионот на Свети Николе предизвика штети, особено кај село Кадрифакоово.

ЦУК соопшти дека преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 се добиени пријави за настанати штети. Од поројниот дожд и големата количина вода поплавен е надвозникот кај с.Кадрифаково, а на регионалниот пат Штип – Свети Николе имало насобрано големо количество гранки, ѓубре, наноси од кал и песок. Има и оштетување на патот од поројната вода, при што е направено голема дупка.

На самото место се испратени екипи од полицијата, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, пожарникарите од ТППЕ Свети Николе, како и од ЦУК, а последиците од невремето се расчистени.

На 112 е добиена и пријава од гром во  Неготино, што предизвикал прекин на електричната енергија на улица „Пано Калајџиски“ и околината. Пријавени се оштетувања на апарати во домаќинството. Екипи на „ЕВН Македонија“ веднаш реагирале и го отстраниле дефектот.

ЦУК информира и за четири пожари на отворено и неколку помали интервенции во последното деноноќие. Пожари имало спроти касарната Прилеп  (горела ниска вегетација), во Струмица – на вливот на брана „Водоча“ (горела борова шума), во Валандово кај Анска Река на месноста „Мичкин Мост“ (горела ниска вегетација) и кај Млекара Тетово (каде што горела ниска вегетација).