Македонија
8. October 2025 - 11:32

Во станот во Белград во кој загина Македонецот Мартин Сипковски имало 1.5 кг експлозив

Македонецот Мартин Сипковски (21) кој загина од експлозија што се случи на 1 октомври околу 21:30 часот во стан на улица Косовска во Белград имал кај себе околу 1,5 килограми експлозив „Пентрит“, што го разнесе изнајмениот стан, објавија белградски медиуми.

Неговиот идентитет беше утврден за време на обдукцијата и размената на податоци меѓу српската и македонската полиција по анаиза на ДНК.

Според белградските медиуми, неофицијално станува збор за млад човек со дебело криминално досие.

Мартин Сипковски претходно им беше познат на органите на прогонот во Македонија, а минатата година во македонските медиуми беше споменат како млад човек кој „го заменил ракометот со манекенство“, објави Блиц.

За него се пишуваше како прв Македонец кој потпишал договор со престижна модна агенција во Истанбул и студент на Факултетот за бизнис и менаџмент во Скопјe. Како што беше напишано во тоа време, тој го напуштил ракометот, кој го играл за „Вардар“, поради повреда на вратот.

 

МИА