Приведена сопругата на д-р Шаини, напаѓачот е во бегство
Приведена сопругата на д-р Шаини кој вчера беше застрелан. Полицијата ја лиши од слобода 43г. тетовчанка поради сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг. Идентификуван е и напаѓачот кој испука неколку куршуми во возилото во кое беше кандидатот за советник од Липково. Се работи за 36г маж од Гостивар.
„Во врска со настанот на службен разговор се повикани шест лица, а во домот на Б.С(50) од Куманово по судска наредба е извршен претрес. По целосно документирање на случајот против АА ќе следува пријава, додека против Љ.Ф 36 од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со ОЈО исто така ќе биде поднесена кривична пријава. “
Д-р Зеќирија Шаини по санирање на повредите на клиниката за пластична хирургија денеска е пуштен на домашно лекување. Од ДУИ реагираат дека ова е настан со силни индикации за атентат и бараат од надлежните итна, сериозна и транспарентгна реакција. Според нив прикривањето на вистината и релативизирањето на настанот е неприфатливо и опасно.
Опозициската СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи, велат нарушена е безбедноста на граѓаните со секојдневните дивеења на улиците.
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција. За тоа мора да има одговорност.
Министерот Тошковски претходно одговори на ваквите барања од опозицијата, вели дека нема да поднесе оставка и ќе продолжи со решавање на проблемите и расчистување на нередот што го оставиле од СДСМ.
Кога не можат да најдат реален пропуст – го измислуваат. А кога ќе се случи вистински настан, како инцидентот со пукањето во Куманово, веднаш го претвораат во нова доза политичка хистерија. Пред да заврши увидот, пред да има резултати, тие бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка
Во Доктор Шаини вчера беше пукано среде бел ден додека се движеше со својот автомобил во Куманово. Од снимките на безбедносните камери се гледа како маскирано лице го чека на улицата и пука диретно во него. Инцидентот се случи на само 50 метри од полициската станица во Куманово.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар