Шест градови без Ковид-19, уште 121 хоспитализирани, во Скопје само три приеми
Министерот за здравство Венко Филипче во синоќешното гостување во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5 рече дека епидемиолошката слика во земјава е добра и нема простор за загрижување кај граѓаните и воедно дека нема ризик за организирање на семејни прослави и културни настани во текот на ова лето.
– Засега треба да сме спокојни. Заради тоа се и попуштањата на мерките. Но, треба да бидеме претпазливи, бидејќи овој вирус е непредвидлив. Будно ја следиме состојбата. Важно е дека и покрај тоа што има одредени бранови во некои земји, нема смртни случаи. Вакцината штити од тешка форма на болеста и смрт. Ако продолжиме со ова темпо, полицискиот час ќе се укине, а се очекува да имаме концерти ова лето, семејни прослави. Нема ризик за организирање на такво нешто, нагласи министерот Филипче.
И вчерашната ковид-статистика говори за стабилизирање на пандемијата. Вчера беше регистрирано само едно лице починато, 18 новозаразени од 2.411 тестирања и 31 оздравен. Во болниците останаа уште 121 хоспитализирани ковид-пациенти, од кои 48 лица во главниот град, и има околу 500 празни болнички кревети.
Во Скопје вчера имало вкупно три приеми. Два примени пациенти имало во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ и еден на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во болницата во Битола се хоспитализирани седум ковид-пациенти, во Штип пет лица, во Тетово се лекуваат уште двајца пациенти болни од Ковид-19, во Велес се лекуваат 11, а во Куманово 15 пациенти, во Охрид се хоспитализирани седум пациенти, во Прилеп тројца, во Гостивар осум, а во Струга четири болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се девет пациенти, во Кичево двајца, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и суспектни на коронавирусот.
Досега во земјата се направени вкупно 823.776 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.487, бројката на оздравени пациенти е 149.582, на починати е 5.468, а бројот на активни случаи изнесува 437. Од активните случаи, најмногу се во Скопје – 208, потоа следи Куманово – 50, Прилеп – 32, Тетово-20, Кичево – 20. Во другите градови се под 20. Шест града се без активен случај и тоа: Кавадарци, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Пехчево и Дојран.
И покрај смирувањето на епидемијата, Министерството за здравство будно ја следи состојбата поради појавата на индискиот сој на вирусот, кој изминатиот период го зголеми бројот на новозаразени во некои земји, меѓу кои и Велика Британија. Министерот за здравство уверува дека вакцините штитат од која било мутација на вирусот, и очекува до крајот на летото, да биде вакцинирано 60 отсто од населението, со што граѓаните на државата ќе се стекнат со одреден колективен имунитет.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани против Ковид-19 се вкупно 252 537 граѓани. Завчера се вакцинирале 9631, а прва доза примиле 1391. Досега се аплицирани 420 821 доза вакцини, а се ревакцинирани 168 284 граѓани.
Досега преку веб-платформата vakcinacija.mk за вакцинација се пријавиле 446 195 граѓани.
Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години, 42 отсто повозрасни од 65 години и 35 отсто над 60 години имаат примено барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, како и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата – во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерот за здравство Филипче вчера соопшти дека од денеска ќе бидат дистрибуирани 30.000 вакцини од „Синовак“ добиени од Турција, а в понеделеник стигнува новата количина на „Фајзер“.
До крајот на следната недела, очекува да пристигнат 500.000 вакцини од „Синовак“.
– Со овие дози ќе се вакцинираат сите што чекаат и така бројот на вакцинирани ќе достигне 430.000, што е околу една третина од тие што треба да се вакцинираат. И тоа ни дава за право, да кажеме дека до крајот на летото, некаде почетокот на септември околу 60 отсто да бидат вакцинирани, што е сосема доволно да кажеме дека има одреден степен на имунитет, нагласи Филипче.
Во однос на тоа дали протерувањето на рускиот дипломат ќе придонесе да не стигнат нови количини на „Спутник“, Филипче рече дека Владата има одлична комуникација со рускиот амбасадор. Доцнењето на руските вакцини го гледа во тоа што Русија е зафатена со вакцинирање на своето население. Тој се надева дека вакцината „Спутник“, од 15 јуни, ќе може да ја добиеме од Србија.
Во светот досега се заразиле со коронавирусот над 175 милиони, починале околу 3,8 милиони, а оздравеле над 158 милиони луѓе.
Индија вчера имаше неславен светски рекорд според бројот на смртни случаи од Ковид-19 во еден ден – 6148. Ова се случило откако источната држава Бихар, една од најсиромашните држави во Индија, ги ревидира бројките со додавање на смртни случаи во домови или во приватни болници.
Претходниот тажен рекорд беше во САД на 12 февруари – 5.444 смртни случаи од Ковид-19 за еден ден.
Светската здравствена организација предвидува ширење на индиската мутација на коронавирусот низ Европа, изјави шефот на регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
СЗО нагласува дека моментно оваа варијанта на вирусот предизвикува најсериозна загриженост, пред сè затоа што индиската мутација е поопасна, позаразна и може да зарази дури и луѓе со јак имунитет.
Клуге упати совет до Европејците да не ги занемаруваат здравствените мерки. Тој изрази надеж дека искуството во борбата против Ковид-19 ќе помогне да се избегнат голем број грешки направени на почетокот на пандемијата, што ќе овозможи да се спасат човечки животи.
СЗО, исто така, предупреди дека стапките на вакцинација во Европа сè уште се далеку од потребните за да се запре повторното ширење на коронавирусот и ги повика земјите да одржуваат заштитни мерки.
– Опфатот за вакцинација е далеку од доволен за да се заштити регионот. Треба уште многу да се помине пред да се достигне најмалку 80 отсто покриеност на возрасната популација, сè уште е под знак прашање, изјави вчера Клуге.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вчера повикаа да се испита потеклото на пандемијата со Ковид-19.
Со нивното барање, воочи самитот на Г-7, се зголемува притисокот врз Кина да биде потранспарентна.
– Треба да знаеме од каде започна пандемијата, за да ги научиме вистинските лекции и да ги развиеме вистинските алатки за да се осигураме дека никогаш повеќе нема да се случи, наведе Лајен.
Ново на Сител
-
Бројот на настрадани во поплавите во Шпанија се искачи на 224, најмногу жртви во Валенсија
-
Граѓаните да ги заменат возачките со старо уставно име заклучно со Нова година апелира Тошковски
-
Претседателот на Реал не е задоволен од Мбапе
-
Не ми требаат скапи работи и Мерцедеси | Бомбакис | Лабави муабети со Марко | Sitel Podcast 070
-
Фернандеш: Аморим ја врати возбудата во Манчестер Јунајтед
-
Ристовски ја најави првата поголема капитална инвестиција во спортската инфраструктура
-
Раниери се врати во Рома
-
Шефот на бразилската полиција: Нападот бил насочен кон судијата Алехандре Де Мораес