Шахпаска: Од пописот ќе добиеме податоци за дефинирање на реалните потреби на населението
Пописот e најмасовна, најобемна, најверодостојна статистичка и во никој случај политичка операција, која претставува важен индикатор за состојбата во која се наоѓа населението. Како Министерство кое во фокусот ги има најранливите групи на граѓани, децата, работниците, пензионерите, лицата со попреченост, имаме реална потреба од попис организиран согласно стандардите на Обединетите нации и според правилата на Евростат, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во видеообраќање до граѓаните.
Врз основа на податоците што ќе се добијат од пописот, вели Шахпаска, Министерството за труд и социјална политика и Владата ќе можат да ги градат идните политики и стратегии кои ќе овозможат ефикасен одговор на потребите на граѓаните.
– Од одговорот на прашањето каква е старосната структура на населението, зависат нашите политики за проширување на капацитетите во предучилишните установи, за изградба на домови за стари лица, посочи Шахпаска.
Додаде дека потребите на пазарот на трудот и насоките во кои треба да се движат обуките и преквалификацијата на работната сила се важен предуслов за ефикасно намалување на невработеноста, но и за обезбедување економски раст.
Преку пописот, вели Шахпаска, ќе добиеме одговор за тоа дали и колку е застапена родовата еднаквост на пазарот на трудот и каква е состојбата со родовото одговорно буџетирање, односно податоци од кои потоа ќе зависат идните стратегии.
– Податоците од пописот ќе овозможат на вистински начин да ги планираме политиките во пензискиот систем, за да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани. Како држава имаме обврска да се грижиме за лицата со попреченост и да обезбедиме нивна целосна инклузија. Тоа е возможно само со скенирање на реалната состојба на теренот. Пописот не е наш избор, тоа е наша обврска. Должни сме да креираме стратегии и политики кои одговараат на потребите на граѓаните и кои ни ја отвораат европската перспектива, истакна министерката, додавајќи дека ова се само дел од прашањата чии одговори ќе може да се добијат со спроведување на пописот, а тоа ќе овозможи дефинирање на реалните потреби на населението.
Ново на Сител
-
ОЈО поведе истрага за пожарот во Трубарево
-
Муцунски во посета на САД, средба со конгресмени и сенатори
-
Протест со повик „Ниту една повеќе“
-
Тема на денот со Сузана Јошевска Анастасовска, адвокатка
-
Две години затвор за Лидија Димова, треба да врати над 350.000 евра на Националната агенција за европски образовни програми
-
Трубарево и Дрисла под контрола - учениците во четирите училиште в понеделник се враќаат на настава
-
Политички реакции за фемицидот во Велес
-
Стартуваа обуките за јавната администрација - премиерот најави департизација на јавниот сектор