Македонија
18. September 2025 - 16:33

Трубарево и Дрисла под контрола - учениците во четирите училиште в понеделник се враќаат на настава

Воздухот во Трубарево вратен во нормала. Денешните мерења спроведени од Министерството за животна средина покажуваат дека просечните концентрации на ПМ10 честички се во границите на нормалата.

-просечната дневна концентрација во текот на вчерашниот ден изнесувала 19.7 µg/m³,

-максималната измерена вредност достигнала 39 µg/m³,

-моменталната концентрација изнесува 7.5 µg/m³.

Учениците во четирите училишта во Трубарево, „Крум Тошев“, „Његош“, „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски – Борче“ од понеделник ќе се вратат на настава со физичко присуство.

Државниот инспекторат за животна средина се уште ги чека резултатите од мерењата на акредитирана лабораторија на критичниот ден кога избувна силниот пожар од кој излегуваше густ црн чад. Оттаму велат дека резултатите најверојатно ќе ги добијат утре, а дури потоа ќе бидат објавени јавно.

Во Трубарево веќе втор ден не гори ништо, но противпожарно возило се уште е во кругот на фабриката, во случај да има ново чадење. Под контрола е ставено и чадењето во Депонијата Дрисла.

-Во моментов нема активно чадење во депонијата. Но во Дрисла се изведуваат активности со градежна механизација. Со земјен материјал се затрупуваат површините со цел спречување на повторно чадење, вели директорот на ЦУК, Мухамет Али.

Се уште е рано за истражителите да кажат дали и дефинитивно пожарот во фабриката за рециклирање на електронски отпад во Трубарево беше подметнат. Вчера Јавен обвинител и увидна екипа извршија увид. Увидот треба да покаже како настанал самиот пожар, но и како компанијата Ф-Групација го складирала отпадот и дали во нивната работа има нешто спорно.

Четири лица се уште се во краткорочен притвор. Станува збор за сопственици и управители на компании поврзани со отпадот во кој бил складиран електронски отпад, но и еден вработен.

Сепак, истражните органи до овој момент немаат ниту еден директно осомничен за потпалување, ниту за складот во Трубарево, ниту за депонијата Дрисла. Вчера министерот за внатрешни работи кажа дека на критичниот ден, кога Дрисла се запали, во депонијата немало никаква механизација.

На информативен разговор повикани беа вработените во депонијата. Дел од нив, според Тошковски, во критичните моменти биле на боледување, дел воопшто не се појавиле на работа, а бутнати биле и столбовите на кои биле поставени надзорните камери во Дрисла.

Токму тоа, на Тошковски му дава сомнеж за можна поврзаност на некои од вработените со пожарот во депонијата. Но барем засега полицијата нема ниту еден осомничен.