Македонија
11. February 2016 - 14:55

Се зголемува бројот на заболени од грип

Во текот на оваа сезона во Македонија досега се регистрирани вкупно 8.007 случаи на грип, со инциденца од 387,0 на 100.000 жители. Само петтата недела од почетокот на годинава, во периодот од 1 до 7 февруари регистрирани се 3.127 случаи. 

Во споредба со истиот период од минатата година, вкупниот број пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 17,2 проценти, а во однос на моделот за последните пет сезони се регистрира исто така зголемување од 6,9 проценти.

Во текот на оваа сезона, најголем број случаи се регистрирани во регионот на Струмица 1.072, Прилеп 1.013, Куманово 853, Битола 711... Највисока инциденца е забележана во Свети Николе и Кратово.

Најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 5.832 случаи или 72,8 проценти, а најголема кумулативна инциденца од 483,5/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години од 468,2/100.000 жители. 

Според податоците на Институтот за јавно здравје, бројот на регистрирани случаи на грип бележи интензивен пораст во последните две недели, како и бројот на позитивно тестирани примероци. Постои широка географска распространетост односно 93,5 проценти од центрите за јавно здравје пријавиле случаи во текот на сезоната. Од Институтот очекуваат континуираниот пораст на активноста на грип да продолжи и во наредните недели.