Македонија
30. August 2016 - 14:35

Се уредува влезот и излезот на град Пробиштип

Агенцијата за државни патишта интензивно работи на проширување на патот кој е влез и излез на Пробиштип, а води кон регионалниот пат кон штипското село Крупиште.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски денеска изјави дека овој проект, кој заеднички го работат со Агенцијата за државни патишта, ќе овозможи проширување на патот од шест на седум метри, а е на потегот  од фабриката за акумулатори до централното градско подрачје.

- Станува збор за должина од околу 1.300 метри, патот ќе биде проширен од досегашните шест на седум метри. Наша обврска како општина е да поставиме ивичњаци од страна на старата јаловишна депонија, вели Тоневски.

Општина Пробиштип во овој проект инвестира пет милиони денари, а со овие средства ќе се гради и пешачка и велосипедска патека, која исто така ќе биде во должина од 1.300 метри.

- Овде ќе имаме поставување на нова пешачка и велосипедска патека што ќе биде на истата должина од проширениот пат. Новата патека ќе биде со ширина од два метри, рече Тоневски.

На новата пешачка и велосипедска патека ќе биде поставено и ново улично осветлување, со кое значително ќе се подобри безбедноста на возачите кои влегуваат или излегуваат од градот Пробиштип, но и на пешаците и велосипедистите кои ќе ја користат новата патека.