Свет
18. September 2021 - 8:26

Се повеќе земји ги заоструваат рестрикциите поради Ковид-19

Состојбата со Ковид-19 и неговите мутации не се смирува и во другите земји каде се уште во сила се рестриктивни мерки.

Во четири региони во северниот дел на Грција, односно во областа Пиерија во која спаѓаат Катерини, Паралија, Неи Пори, Платамона и сл, во областите Иматија, Пела и Кавала од денеска е воведен полициски час од еден часот по полноќ до 6 часот наутро и забрана за музика во угостителските објекти во текот на целиот ден, јави дописничката на МИА од Атина. Конкретните региони, поради епидемиолошката состојба се префрлени во црвената зона, а истите мерки се продолжуваат во уште две области, Арголида на Пелопонез и Евританија во централна Грција.

– Ги очекуваме последните појаснувања од Комисијата за вакцинација и следниот понеделник ќе ги соопштиме сите детали за вакцинација со трета доза, а говориме за лица над 60 година и за здравствените работници, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, Мариос Темистоклеус во интервјуто за радиото „Параолитика“.

Сите вработени во државната администрација во Словенија ќе треба да се вакцинираат против Ковид-19, а негативниот тест за коронавирус веќе нема да им биде доволен за да дојдат на работа, како и за останатите невакцинирани граѓани, одлучи словенечката Влада.

Италијанската Влада донесе една од најстрогите анти-ковид мерки во светот, со која се бара од сите вработени во јавниот и приватниот сектор да имаат сертификат за вакцинација, негативен тест за коронавирус или потврда дека неодамна ја прележале болеста. Одлуката беше донесена на владина седница и треба да стапи во сила на 15 октомври.

Две недели по почетокот на учебната година, Министерството за образование на Франција ја обнови својата практика на неделно ажурирање на здравствената состојба во училиштата. Според објавените податоци, на  17 септември: 3.299 паралелки од 527.200 во земјата – или 0,63 отсто – во моментов се затворени поради „Ковид -19“, јави дописникот на МИА.

Министерскиот совет на Белгија донесе одлука дека носењето заштитна маска во затворени простории нема повеќе да биде задолжително, јави дописничката на МИА од Брисел.

И покрај предупредувањата на научниците, белгиската Влада сепак одлучи да го следи примерот на соседни земји, како Холандија и да ја укине обврската за заштитна маска на затворено, со исклучок на јавниот превоз, здравствените установи и вработените во супермаркети, ресторани, културни установи. Сепак Федералната влада им остава слобода на секој од регионите да донесат построги мерки за маските доколку оценат дека е потребно.