Живот
9. March 2018 - 15:41

Се огласи Раде Шербеџија по повод тврдењата дека се нудел на албански режисер за улогата Адем Јашари

Прославениот светски и југословенски актер Раде Шербеџија ги демантираше тврдењата дека се нудел на "млад албански филмски режисер" да игра во негов филм како Адем Јашари.

- По повод пишувањата во медиумите дека јас преку мојот пријател Енвер сум се нудел на некој албански филмски режисер да играм како Јашари, изјавувам дека тоа е една обична лага - напишал Шербеџија.

Тој во изјавата оценил дека тоа е обид на тој млад режисер да го сврти вниманието кон себе и својот проект, злоупотребувајќи го неговото име.

- Сосема е бесмислено на мене да ми се нуди да ја играм таа улога, како што е и сосема бесмислено да би било кој поверува дека би ја прифатил понудата - нагласил тој.

- На тој млад филмски режисер можам да му порачам дека сум бил пријател со многу големи албански актери, и дека сите ги носам во срце и паметење, не само како големи уметници, туку и како чесни и прекрасни луѓе - додал Шербеџија.

- Доколку сака да се занимава со вистинска уметности, тој млад филмски режисер мора да знае дека вистината е првиот чекор да се стане уметник.