Македонија
1. September 2025 - 12:28

Шумските пожари досега предизвикале штета од една милијарда денари

Околу една милијарда денари, ова се првичните проценки на штетата врз шумскиот фонд предизвикана од пожарите заклучно со јули. Од ЈП Македонски шуми потенцираат дека оваа сума сигурно ќе се зголеми, бидејќи во неа не се пресметани штетите од пожарите кои се случија во текот на август.

Сепак, и покрај големината на штетата, од претпријатието нагласуваат дека таа е далеку помала во однос на минатата година кога загубите надминаа 5 милијарди денари.

И додека се прават конечните проценки на штетите од огнените стихии, од јавното претпријатие веќе работат на планови за обнова на шумскиот фонд на опожарените подрачја. Дел од површините ќе бидат вклучени во годишните планови за пошумување и ќе се обновуваат со садење нови дрвја.

Новина оваа година е што на дел од терените  каде што пожарите биле со помал интензитет нема да се интервенира со класични мерки. Наместо тоа, тие површини ќе бидат ставени под набљудување  со цел да се овозможи природна регенерација на шумата.

Оваа година, заклучно со август биле регистрирани 107 шумски пожари  за разлика од минатата година, кога само во јули и август имало над 160 пожари.