Свет
6. November 2017 - 23:34

Саудиска Арабија: Комитетот има докази за корупција

Новооснованиот Комитет против корупција во Саудиска Арабија, кој ги следеше апсењата на истакнати принцови и високи функционери во таа држава, соопшти дека има доказ за широко распространета корупција.

Во денешното соопштение, членот на Комитетот Калид ал Мехаисен изјави дека осомничените во моментов се на испитување, што западните медиуми го толкуваат како прво премолчено признавање на Владата дека поединци се притворени.

Тој истрагата ја опиша како „многу тешка задача, со оглед на тоа дека се вклучени влијателни функционери и високи извршни органи“.

Истовремено, главниот обвинител Сауд ал Моеб преку соопштение предупреди дека судењата ќе бидат одржани „во догледно време“, а истрагата е „само почеток на витален процес, што ќе ја искорени корупцијата“.