Loading Video...
Свет
20. May 2024 - 16:37

Предупредувања од Европската Комисија за Преспанскиот договор

Европската Унија нема да толерира национализам, а нема ниту да прифати земја да биде дел од Унијата која ги вознемирува соседите кои веќе се дел од европското семејство – остри реакции пристигнаа од Брисел во сред Солун, откако новото политичко раководство во Македонија изјави дека нема го користи уставното име.

Македонија има уште време да го напушти ќорсокакот на националистичкото заострување, кажа потпретседателот на Европската Комисија, со надеж како што рече, дека реакциите од ЕУ и САД ќе ги премислат претседателката Силјановска Давкова и идниот мандатар Мицкоски, за почитувањето на Преспанскиот договор.

Никој во ЕУ не е подготвен да толерира овие логики да се воведат во ЕУ. Никој нема да заложи за членство во ЕУ на земја-кандидат што отстапува од своите обврски и ги вознемирува соседите кои се веќе членови на европското семејство. Нема да се толерира никакво националистичко или популистичко повлекување во регион на кој му требаа децении за да се надминат длабоките јазови што ги отвори војната и етничките конфликти, нагласи Схинас на меѓународниот саем на книгата што се одржа во Солун.

Покрај Брисел, и САД не останаа должни со реакција.

Американската државна потсекретарка за дипломатија, Елизабет Ален, вели биле разочарани кога Силјановска-Давкова не го употребила уставното име за време на инаугурацијата.

„Се подразбира дека го поддржуваме Договорот од Преспа. Бевме разочарани кога видовме дека претседателката не го употреби целосното и формално име Северна Македонија. Ќе следиме да видиме што ќе направи Владата. Во постојан дијалог сме со Владата која е во процес на формирање“, изјави Ален за СДК, при нејзината посета во Скопје викендов.

Грчкиот премиер Мицотакис, и денеска потсетува дека европскиот пат на Македонија зависи од почитувањето на договореното. Во интервју за грчкиот весник Македонија, беше дециден дека нема да ги ратификуваат Меморандумите се додека не раководството на Северна Македонија доследно не ги почитува одредбите од Преспанскиот договор.

Од наша страна го повикуваме новиот претседател да избегне слични незаконски и провокативни избори, кои секако категорично наведуваме дека нема да ги прифатиме. Се подразбира дека европскиот курс на Скопје зависи од чесното почитување на договореното. Затоа, раководството на Северна Македонија мора да сфати дека од пријателството со Грција треба само да профитира, нагласи Мицотакис.

Грчкиот шеф на дипломатијата, на утринско интервју за грчко радио, стои на ставот дека договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и ревидира еднострано.

По инаугурацијата на Силјановска Давкова, реакциите во Грција не стивнуваат. Преспанскиот договор е секојдневна тема на дебати помеѓу политичките опоненти, универзитетските професори и експертската јавност.