Loading Video...
Свет
20. May 2024 - 12:20

Преглед на вестите од светот

Сите девет лица во хеликоптерот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси кој се урна во северозападниот дел на земјата загинаа, јави иранската државна новинска агенција ИРНА и државната телевизија. Меѓу загинатите е и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин. Хеликоптерот на Раиси, заедно со уште два хеликоптери, бил на пат кон градот Табриз. Раиси и неговите сопатници се враќале од настан со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев. 63 – годишниот Раиси беше претседател на Иран од 2021 год.

Првиот потпретседател на Иран Мохамад Мохбар ќе ја преземе должноста шеф на државата до изборот на нов претседател, изјави денеска портпаролот на иранскиот Совет на чувари на Исламската револуција Хади Тахан Назиф. Тој изјави дека врз основа на иранскиот Устав, претседателски избори треба да се одржат во рок од 50 дена. Посмртните останки на Раиси се транспортираат во градот Табриз, а сè уште не е јасно кога и каде ќе биде погребан Раиси. Во Техеран и денешениот печат на насловните страни ја има веста за несреќата на Раиси.

Според воениот аналитичар на Си-ен-ен, Седрик Лејтон, хеликоптерот е во сообраќај уште од 1960-тите. Тој додаде дека причина за несреќата може да биде набавка на резервни делови, односно потешкотии во набавката. Хеликоптерот прво се произведувал во САД, а потоа и во Канада.

Иранската влада за денеска свика итен состанок. Инаку столицата на која обично седи Раиси е празна и покриена со црна лента во спомен на претседателот.

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи му оддаде почит на претседателот Раиси, а и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел изрази сочувство во име на Европската унија

Палестинската група Хамас соопшти дека ја споделува „болката и тагата“ на иранскиот народ по смртта на иранскиот претседател изразувајќи „целосна солидарност“ со Иран. Раиси беше втората најмоќна фигура во политичката структура на Иран по врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.

Пораки со сочувство до иранскиот народ стигнуваат од целиот свет.

Израел извршил воздушни напади врз неколку области низ Појасот Газа, вклучително и повеќе локации во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, пренесе Ал Џезира.

Во израелските воздушни напади биле погодени и бегалскиот камп Нусејрат и градот Аз-Завејда во централниот дел на Појасот Газа, како и бегалскиот камп Џабалија на север, јави агенцијата Вафа.

Нема податоци за бројот на загинати и повредени во нападите.

Болниците и другите служби за итни случаи кои обично известуваат за смртни случаи и повредени се борат да продолжат да работат откако Израел минатата недела ги блокираше копнените патишта што се користат за испорака на гориво за генераторите. Инаку дотурот на хуманитарна помош преку пловечкото пристаниште функционира.