Самит 2025: Дијаспората со слаб интерес за инвестирање во Македонија
Само со инвестиции во образованието и во луѓето Македонија може да ја развие економијата и да го подобри живпотниот стандард. Претприемачкиот дух треба да се развива од најмали нозе .Ова се некои од пораките на годинешниот самит Македонија 2025. Сингапур беше посочена како една од малите држави по чии стапки треба да чекори Македонија. Таму квалитетот на животот е двојно подобрен за 10 години иако земјата не располага со природни ресурси.
Експертите посочуваат дека малите економии можат да одат напред само со заеднички напор на државата, научните институции и целосниот образовен систем.
- Сега веќе не важи реченицата „големите риби ги јадат малите“, туку „побрзите ги јадат побавните“. Тоа треба да го постигнат малите земји - да бидат побрзи од големите во воведувањето на новините. Ние инвестираме во човечките ресурси многу понапред од другите - додаде Хианг Ли.
Моделот за развој на Израел се стартапите. Израелските експерти посочуваат дека во нивната земја има голема државна помош за иновации и развој. Се вложуваат многу пари во академското истражување и развивање на претприемништвото.
- Во Израел порано мајките сакаа синовите да им бидат правник или адвокат, а сега тоа е сменето. Секоја мајка сака синот да ѝ биде преприемач. Тоа е новиот збор што се цени кај нас. И вистина е. Секоја мајка сака детето да има стартап до својата 25-та година, да има успешна фирма. На тоа е насочено и образованието кај нас. Имаме огромна сцена со стартапи, многу акцелератори, инкубатори, кои имаат групи и за мали деца. Уште од најмала возраст децата ги учат за претприемништвото. Клучниот елемент е дека треба да се преземе ризик. Израел така ги учи децата, мора да се ризикува и во ред е ако не се успее. Важно е да се обидеш пак, да почнеш одново. Така новите идеи излегуваат на пазарот, но најважен е претприемачкиот дух – рече Гавиш-Фридман.
На Самитот беше посочено дека македонската дијаспора многу малку инвестира во матичната земја. За 6 години во СЕАФ фондот иселниците инвестирале помалку од 3 милиони долари.
Македонија 2025 собра околу 50 врвни говорници од 25 земји кои дискутираат за најновите трендови од бизнисот, лидерството и иновациите.
-
Александра Десподовска
Сите содржини од овој новинар