Самарас: Грција да најде начин да се повлече од Преспа
Грција да почне да бара начин да се повлече од Преспанскиот договор, побара вчера поранешниот грчки премиер силно критикувајќи ја надворешната политика на владата на неговиот сопартиец Кирајокос Мицотакис. Тој на промоција на книга во Атина пред поголемиот дел од врвот на Нова Демократија побара поостра политика кон Скопје и Тирана. Побара Атина да ја следи политиката на Софија и да стави вето на секој чекор кон Брисел.
„Сликата на нашата земја е потресна. Јадеме навреда, понижување, едно по друго! Од скопјани, Албанци и секако нашите „пријатели“ Турците. Незамисливо е што се случува… Предупредив и за потребата од наше постепено исклучување од срамниот Договор од Преспа, кој Скопје не го почитуваше од почетокот, како што не ја почитуваа ниту Времената спогодба на Андреас Папандреу. Добро ми е познато што значи притисок од „пријатели“, секако во нивен интерес.
И на Костас Караманлис му беше извршен, но во Букурешт рече „не“. И мене ми беше извршен, но ги пресеков од почеток и никогаш не го повторија тоа.
Завчера, скопската претседателка на државата Сиљановска јавно ја изрази иредентистичката догма: вели, се сретнала, со претставници на Децата бегалци од Егејска Македонија и разговарала со нив за прославите за 75-годишнината од прогонот на Македонците од Егејот. Што друго треба да слушнеме за конечно да се разбудиме?“
Со Самарас се согласи и неговиот колега Карманлис. И овој поранешен грчки премиер бара поостра политика кон Македонија.
„Косово е во ќорсокак, а национализмите во нашиот регион повторно се во пораст. Мора да се испрати јасна порака до Тирана и Скопје дека такво однесување како на двете земји кон нашата земја не е толерантно и повлекува последици и да укаже дека патот кон Европа зависи од Грција''
Ставовите на двајцата поранешни грчки премиери доаѓаат истиот ден кога македонскиот премиер Мицкоски уште еднаш повтори дека Преспанскиот договор за Македонија е завршена работа и дека веќе е дел од уставниот поредок.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар