САД им препорачуваат на своите граѓани да ја напуштат Украина
САД синоќа соопштија дека наредиле да се вратат дома членовите на семејствата на вработените во Амбасадата во Украина, повикувајќи ги сите американски граѓани да размислат за заминување поради заканата од руска воена акција.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека одобрил „доброволното заминување на американските државни службеници и наредил заминување на членовите на нивните семејства од Амбасадата во Киев поради континуираната закана од руска воена акција“.
На американските граѓани во Украина им е препорачано да размислат за можност за заминување.
„Граѓаните на САД во Украина треба да размислат за заминување без одлагање, користејќи ги можностите за комерцијални или други приватно достапни опции за превоз“, соопшти синоќа Стејт департментот во информациите за патување.
Амбасадата на САД во Украина објави дека се консултирала со украинската Влада за овој потег и оти ги координира чекорите со сојузниците и партнерските амбасади во Киев за да се утврди нивниот став.
„Русија може да изврши воена акција во секое време и американската Влада нема да биде во позиција да ги евакуира американските граѓани во таква криза, затоа тие мора да се подготват“, се вели во соопштението на Амбасадата.
Стејт департментот ги советува граѓаните на САД да не патуваат во Украина „поради зголемената закана од руска воена акција и Ковид 19“. „Бидете на зголемена готовност во Украина поради криминал и немири. Ризикот е зголемен во одредени области“, се вели во соопштението.
„Њујорк тајмс“ синоќа објави дека американскиот претседател Џо Бајден размислува да испрати неколку илјади американски војници во сојузниците од НАТО во Источна Европа и Балтикот.
Пентагон одби да го коментира извештајот на весникот, но истакна дека неговиот портпарол Џон Кирби во петокот рече дека „ќе се погрижиме да подготвиме опции за да ги смириме нашите сојузници, особено од источното крило на НАТО“.
Ново на Сител
-
Уапсен врховниот судија Наке Георгиев фатен на дело со 10,000 евра мито
-
Приведен судија од Врховен суд за примање поткуп
-
Тема на денот со Срѓан Керим
-
Преговорите за Влада во напредна фаза, ВМРО-ДПМНЕ инсистира на квалитетни кадри од албанскиот партнер
-
Во среда прегласување на седум избирачки места, од полноќ изборен молк
-
Предупредувања од Европската Комисија за Преспанскиот договор
-
Владата не дава 100 евра по жител, пораките се лажни!
-
Смртни закани и за градоначалникот на Кавадарци