Балкан
18. November 2015 - 18:43

Руски амбасадор: ИД е најголема закана за Балканот и Кавказот

Балканот и Кавказот се најзагрозени доколку упориштата на Исламска држава (ИД) и други терористички организации не бидат уништени, предупреди денеска рускиот амбасадор во Србија, Александар Чепурин.

Тој учествува на тркалезна маса на тема „Законската акција на Русија во Сирија и нејзиното геополитичко влијание на Балканот“, организирана од Центарот за развој на меѓународната соработка. Чепурин истакна дека терористите би можеле да не стигнат до некои далечни земји, како на пример Австралија, но „со сигурност“ ќе стигнат до голем број европски држави.

- Најзагрозени зони се Балканот и Кавказот. Можеме да седиме и чекаме што ќе се случи утре, но ако не бидат уништени тие ќе продолжат понатаму, нагласи Чепурин.

Според рускиот амбасадор, „за Европа е многу значајна соработката меѓу руската и француската флота, бидејќи е важно да се создадат заеднички механизми за да се реши проблемот“.

- Прашањето за опстојување на сирискиот претседател Башар ал Асад е од второстепено значење. Најважно е да се победи ИД, потенцира Чепурин.