Македонија
10. January 2024 - 12:20

Реставрација на археолошки локалитет во Валандово

Конзервирана и реставрирана дел од архитектурата на археолошкиот локалитет Стакина чешма кај Валандово. После неколку децении откако е откриен објектот  кој ги има  едни од најзначајните мозаици во државата за прв пат се вршат и конзерваторски работи на самата архитектура.  Од струмичкиот завод и музеј чиј тим ја вршеше непосредната заштита,  велат дека ова е многу важно  бидејќи се работи за  локалитет со вонредно значење датиран од првата половина на четвртиот век кој по многу нешта е единствен и раритетен во државата.

,,Пред дваесетина години има само тековна заштита и конзервација на дел од мозаиците.Значи на архитектурата до сега не се преземени конзерваторски активности ниту пак за конечна конзервација на мозаиците. Ова е за прв пат после неколку децениското истражување да се отпочне со проект за конзервација. Се работи за една куќа од римскиот период или римски домус за кој во тек е изготвување на елаборат за валоризација со што тој ќе ја има највисоката категорија, значи споменик на културата со исклучителна вредност.,, вели Ване П.Секулов археолог

Од Завод и Музеј Струмица најавуваат дека и за оваа година имаат проект со кој планираат да продолжат со конзервација на архитектурата на локалитетот. Доколку бидат одобрени средства планирана е конзервација и на мозаиците, а веќе имаат поднесено и проект за целосна физичка заштита на објектот.

,, Наша намера на двете институции, Националната установа Археолошки Музеј од Скопје и Националната Установа Завод и Музеј Струмица е да го направиме овој објект пристапен и за научната и за пошироката јавност во текот на целата година. Значи во план ни е да изработиме заштитен објект над римскиот домус кој ќе го штити целиот објект и архитектурата и мозаиците од атмосферските и сите други влијанија.,, вели археологот Секулов

Локалитетот Стакина чешма кај Валандово беше откриен пред триесетина години. До сега таму  се истражени десет простории од кои во 8 има мозаици со вкупна површина од  500 метри квадратни.