Македонија
2. August 2025 - 16:40

Мицкоски: 2 август – Денот на Републиката е ден на обединување

Поклонувајќи се пред спомениците на Никола Карев, Методија Андонов Ченто и пред АСНОМ, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека Илинден е ден на обединување, но и симбол на жртвата што генерации пед нас ја дале за слободна и независна држава Македонија.

„Овој ден нека не потсетува на жртвата која што генерациите ја оставиле за да може нашата генерација да го има ова што денеска го имaме, а тоа е слободна, независна држава Македонија. Нека нивната жртва не потсетува каква држава треба да оставиме на генерациите кои што следат после нас, држава во која што имаме среќни граѓани, држава која што ќе биде просперитетна, држава која што ќе биде татковина на сите без разлика на етничката припадност. Овој ден нека не обединува, да се слави, да ни е вековит, да го чествуваме достоинствено и на помош нека ни е Свети Илија, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада.

Потпретседателката на СДСМ и кандидат за градоначалник на Скопје која ја предводеше партиската делегација на одбележувањето на Илинден во Скопје, порача дека само со заедништо може да се оди напред.

-Се поколонивме на сите оние коишто се бореа за нашата држава и тоа не смееме никогаш да го заборавиме. Меѓутоа не смееме да заборавиме и дека треба да одиме напред, дека треба градиме нова иднина за оваа држава и тоа треба да го направиме сите заедно, порача кандидатката за градоначалничката на СДСМ Каја Шукова пред медиумите денеска од Скопје. Ваквите денови ни покажуваат дека само со заедништво можеме да одиме напред и само со заеднички напори на сите чинители во општеството, почнувајќи од обичниот граѓанин, па до сите оние коишто се должни да оваа држава функционира, изјави Каја Шукова, потпретседател на СДСМ и кандидат за градоначалник на Скопје

Градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, пак,  по повод големиот празник, во фејсбук статус напиша:

-На 2 август 1903 година, нашите дедовци му покажаа на светот дека огнот на слободата што гори во срцето на Македонецот е нескротлив. Тој пламен продолжи да гори и преку Илинденците од 1944, за да се роди современата македонска држава. А денес, ние имаме света должност – да ја чуваме, браниме и унапредуваме оваа исконска земја. Ние, нашата генерација. Јас верувам во нашата генерација, стои во објавата на Ѓорѓиевски.

Премиерот Мицкоски ја предводеше владината делегација на одбележувањето на Илинден во Скопје.

Заедно со вицепремиерот Меџити и министерката за образование Јаневска положи цвеќе пред споменикот на претседателот на Крушевската Република, пред споменикот на АСНОМ  и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.

Цвеќиња положија и пратеници, претставници од политички партии и дел од дипломатскиот кор во земјата.