Министри во трка за локалните избори
Изет Меџити ги напушта вицепремиерската и министерската функција. Откако вчера коалцијата ВРЕДИ ја официјализираше неговата кандидатура за градоначалник на општина Чаир, Меџити преку социјалните мрежи се заблагодари за довербата.
-За Чаир, се согласив да ја напуштам Владата и да се вратам меѓу мојот народ. Верувам и сум сигурен дека го направив вистинскиот избор, напиша Меџити.
Владата останува и без министерот за социјална политика Фатмир Лимани, кој ќе ја трча градоначалничка трка во Кичево.
Од Владата за Сител велат дека ова нема да предизвика застој во работата во ниту еден од секторите кои ги водат Меџити и Лимани, а испразнетите позиции ќе се пополнуваат по изборите на есен.
-Се додека било кој не биде избран на избори, тој е активен вршител на должноста и функцијата која ја има. Дополнително, сите именувани лица имаат свои заменици како не би имало застој или неизвршување на обврските, ни одговорија оттаму.
Токму во Чаир албанските партии ќе ја водат најсериозната битка за победа, каде Меџити ќе се соочи со својот поранешен сопартиец, Бујар Османи од ДУИ. Тој пак вчера порача дека овие овие избори ќе бидат еден вид на референдум и ако ДУИ освои мнозинство општини, ќе бара и предвремени парламентарни.
Речиси сите партии ќе се соочат и во Градот Скопје, каде ВМРО-ДПМНЕ го кандидираше Орце Ѓорѓиевски, СДСМ ќе ја бара довербата со Каја Шукова, ВРЕДИ ќе оди со својот кандидат Башким Бакиу, а кандидат најавија и од ДУИ.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар