Македонија
23. April 2025 - 16:50

РЕК Битола ја исчисти недозволената количина на пепел, тврдат дека не била токсична

РЕК Битола потврдува дека на одлагалиштето имало поголема количина на пепел од дозволената но согласно резултатите од мерењата не го надминале законскиот праг со концентрација на суспендирани ПМ честички. 

По инспекциската контрола на 26 март добиле задолжение и количините на пепелта веќе ја одложиле и соодветно ја посипале со земја како што им било укажано. Дополнително во соопштението на ЕЛЕМ се вели дека инспекторатот не им изрекол санцкии а тоа е потврда дека го препознали напорите на комбинатот за решавање на проблемот. 

„Со задоволство информираме дека денес, на одлагалиштето кое беше предмет на инспекцискиот надзор, нема ниту еден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја.

Во насока на долгорочно решение, веќе е извршено планирање и поместување на транспортната лента, со што од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета. Водените топови за дополнително навлажнување ќе бидат ставени во функција веднаш по поместувањето на лентата. Дотогаш, попрскувањето на одложената пепел се врши континуирано со специјални средства и цистерна.“

Токсичната прашина од РЕК Битола е предмет на предистрага во обвинителството и инспекторите за животна средина. За случајот алармираа граѓани и еко активисти кои тврдат дека станува збор за радиоактивни супстанци опасни по здравјето. Проблемот според нив е децениски а инситутциите му прогледувале низ прсти на комбинатот.