Бизнис
27. January 2016 - 12:07

Работилница за „Нови маркетинг технологии за промоција на туристичките патеки во Новаци“

Општина Новаци продолжи со реализација на проектот „Жива историја, жива природа 2“ во чии рамки се одржа работилница за туристички работници на тема  „Нови маркетинг технологии за промоција на туристичките патеки на територијата на општина Новаци“.

Експертите ги обучуваа и дебатираа со дваесеттина туристички работници, претставници на туристички агенции и водичи за модерните начини и техники за промоција на богатото културно, природно и историско наследство со кое располага општината, информираа од локалната самоуправа.

- Ова е продолжение на европскиот прекуграничен проект кој го работиме веќе неколку години наназад со општина Алмопиа, Грција. Денешната работилница ја организиравме со цел да ги искористиме сите можни расположливи маркетинг техники за промоција на богатото културно наследство со кое располага општина Новаци и на тој начин да го развиеме алтернативниот туризам, истакна Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

Богатата агенда на работилницата даде многу можности и начини на размислување како активниот рурален туризам да се стави во функција на локален економски развој на регионот. Работилницата заврши со презентација на начините на вмрежување како современа маркетинг стратегија за промоција на туристичката понуда.