Македонија
22. March 2020 - 16:38

Прв смртен случај од корона вирусот во земјава - новозаразени 29 - бројката се искачи на 114

Прв смртен случај од корона вирус во земјата. Кај 57 годишна жена од Куманово ковид 19 е дијагностициран посмртно. И 33 годишниот син на починатата е заразен и веќе е хоспитализиран на Инфективна.

За едно деноноќие дијагностицирани се 29 нови случаи на корона вирус, што е најмногу досега за период од 24 часа. Бројката на заболени во земјата достигна до 114. Дури 22-ца од последните заразени се од Скопје со што во главниот град има 65 болни со Ковид 19. Поради заболените во Кавадарци од кои едниот е здравствен работник, одделот за психијатрија во  болницата е во карантин.

Здравствените власти информираат дека на Клиниката за Инфективни болести има 24 ца хоспитализирани од кои 7 се континуирано на третман со кислород. Во текот на утрешниот ден кај 6 пациенти истекува 14 дневниот период од потврдување на болеста и ќе им бидат земени контролни брисеви. Од нив петмина се во добра состојба а шестата е жената од дебарско која веќе една недела е на респираторна машина и која покрај Ковид 19, боледувала и од висок притисок и слабо срце.

Имајќи во предвид дека голем дел од граѓаните не се придржуваат кон апелите да седат дома, Филипче најави дека Комисијата за заразни болести до Владата ќе достави нови мерки за заштита на најзагрозените групи.

Од викендот веќе е во функција Кол центарот а во справувањето со корона вирусот Филипче најави дека ќе се вклучат и матичните лекари.

Инаку, дебарскиот градоначалник информираше дека лицата кои биле затекнати во Дебар по прогласувањето на кризната состојба, за 4 до 5 дена ќе бидат тестирани и ако се здрави ќе го напуштат градот.