Македонија
22. May 2024 - 16:39

Протест па штрајк во Пошта

Вработените во Пошти повторно на простест, а од 7 јуни стапуваат во штрајк. До почетокот на штрајкот ќе протестираат во сите филијали, но овој пат секоја подружница самата ќе одлучува кога ќе го почне, а кога ќе го запре протестот.

Се уште не ја зеле априлската плата, а не знаат ниту кога ќе ги добијат парите.

-Веќе сме во процес на штрајк. Ќе отпочнат тие законски обврски за преговори согласно законот за работни односи и законот за мирно решавање. После што стапуваме во штрајк. Нема откажување, се бориме, пред се за нашите нашите работни места и нашата компанија, вели претседателот на Синдикатот на Пошти, Боро Велигденов.

Според Синдикатот, виновен за ситуацијата во која се наоѓа Пошта е менаџментот и фантомските работни места. Бараат веднаш по формирањето на новата Влада државното Акционерско друштво да биде ставено на листата на приоритети. Потребна е целосна реорганизација, а Синдикатот веќе има изработено план за нова систематизација и враќање на компанијата во нормала.

-Доста е со партизирана кадровска политика. Таа партизирана кадровска политика ја уништи Македонска пошта. Праќаме порака до новата Влада, нема да дозволиме како вработени повторно да ни носат неспособни кадри и менаџери да ни ја менаџираат компанијата, вели Велигденов.

Пошта во последниот период е во катастрофална состојба. Пратките и писмата доцнат по неколку месеци, а вработените често протестираат поради доцнењето на платите.

Според претходни истражувања внатре во компанијата, за ефикасно функционирање Пошта треба да има 56 работни позиции. Но со години таму се трупани партиски кадри, па во моментот има 240 работни позиции – голем дел од нив за советници или за фиктивни вработувања.