Македонија
21. јуни 2024 - 16:33

Таравари во понеделник ќе ги разреши економските директори на здравствените установи

Од понеделник здравствените установи ќе немаат економски директори. Ова денеска го најави Арбен Таравари, предложен за нов министер за здравство од редовите на Вреди. Тој кажа дека најголем дел од економските директори се вршители на должност и тие ќе ги тргне уште на неговиот прв работен ден како министер, а за останатите ќе поднесе закон до собранието.

„Понеделник ако ја преземам функцијата 90% од економските директори кои се в.д. ќе бидат веднаш разрешени, освен тие што имаат решенија. Ќе имаме веднаш предлог за закон до парламентот за да се смени законот и да не постојат веќе економски директори“ – Арбен Таравари, коалиција Вреди

Новата влада е гарант за европскиот пат, рече Таравари и изрази надеж дека уставните измени ќе се случат наскоро.

„Се надевам дека што побргу ќе се случат уставните измени, меѓутоа да бидеме искрени за да се случат уставните промени секогаш треба да има добра волја и македонскиот партнер во Владата. Доброто е што веќе имаме 80 гласови, само што треба уште една дефинитивна синхронизација помеѓу Скопје и Софија за која се надевам дека ќе се случи набргу“ – Арбен Таравари, коалиција Вреди

Меџити, пак, вети напорна работа и транспарентност, а им се обрати и на, како што рече, ривалите кои ќе се занимаваат со тоа што ќе прави како министер.

„Прво ќе ви кажам што нема да направам како министер. Нема да играм фудбал со министрите во кабинетот, нема да излегувам со куфер пред јавните институции, нема да се занимавам со бизнисите на Лотарија и Соравија. Балансерот со кој многу Македонци станаа Албанци за да се вработат ќе се замени со законот за правична застапеност. Тоа ќе биде направено за правичната застапеност да стане законска обврска, а не механизам за политичко пазарење како што беше досега“ – Изет Меџити, коалиција Вреди

Касами, пак, обвини дека развојот на општините намерно бил блокиран и најави серија локални проекти кои ќе добијат пари од централниот буџет.

„Промената што ја започна ВЛЕН и новото време кое доаѓа ќе ги разнесат црните облаци на криминалот и корупцијата кои ги создаваше хибридниот режим на СДСМ и ДУИ“ – Билал Касами, коалиција Вреди

На трибината на Вреди реагираа од Европскиот фронт.

„Денешниот трагично-комичен спектакл на коалицијата која ги загуби парламентарните избори е само уште еден обид да се измамат граѓаните со празни ветувања како оние од предизборната кампања кои не успеаја ниту да станат дел од програмата на нелегитимната Влада за која се предупредува. Оваа коалиција на слуги и измеќари нема апсолутно никаква храброст и знаење да бара и да го натера нивниот газда, ВМРО-ДПМНЕ, да вклучи барем едно национално прашање во владината програма“, велат од Европскиот фронт