Loading Video...
Спорт плус
31. August 2019 - 14:35

Промовирани програмите на Билијард и Снукер Асоцијациите за нивната интеграција во меѓународните асоцијации и МОК

Билијард и снукер заедница во нашата земја, денеска и официјално ги промовира двете национални федерации (асоцијации) во овие спортови - Билијард асоцијација на Северна Македонија (БАСМ) и Снукер асоцијација Северна Македонија (САСМ), кои имаат единствена цел, афирмација, популаризација и интеграција на спортовите во европски и светски рамки. 
 
И двете асоцијации ги усвоија своите правни акти со кои го регулираат функционирање, ги усвоија буџетите, програмите за работа, како и распоредите на натпреварите, неопходни за воспоставување на систем кој ќе обезбеди стабилна основа за развој на овие сродни спортови, во нашата земја. 
 
„Нашата асоцијација има неколку главни цели, а тоа се професионализација на билијардот во нашата земја, приближување на спортот кон пошироката јавност и целосна интеграција во европските и светските релевантни асоцијации и следење и имплементација на светските трендови во нашата земја. Со воспоставувањето на систем на национални натпревари и поврзување со веќе постоечките регионални и интернационални натпреварувања, ќе им овозможиме на нашите членови да се натпреваруваат на највисоко ниво, што секако ќе предизвика подигнување на квалитетот на нашите играчи и поголема компетитивност. Фактот што во Асоцијацијата имаме клубови од речиси сите региони од нашата земја, дополнително не радува и се надеваме дека во скора иднина ќе успееме да го промовираме билјардот во сите делови од републиката“ истакна Димитрие Маневски, претседателот на Билијард Асоцијацијата. 
 
Тој додаде дека, токму со интеграцијата на нашата Асоцијација во континенталните и светските асоцијации, е целита во нашата земја билијардот да биде промовиран како многу повеќе од една забавна игра. Во овој контекст и информацијата дека БАСМ од оваа година е член на Источно Европскиот Билијард Совет, што претставува прво скалило на патот кон целосна интеграција на нашата асоцијацијата во најважните Европски и Светски билјард асоцијации. 
 
И неговиот колега од Снукер федерацијата (САСМ), Лазар Лазаревски ја потенцираше потребата од професионалниот приод за да се стигне до успех во снукерот е предизвик за Снукер Асоцијацијата да воспостави цврста институционална рамка на организација каде снукер играчите во нашата земја ќе се надградуваат и достојно ќе ја преставуваат нашата земја на европската и светската снукер мапа. 
 
„Веќе се усвоени календар  за наредната национална снукер сезона,  буџет, правилниците и правила прифатени од ЕБСА и WPBSA, усвоена е програма за работа и тренирање со помош на лиценцирани домашни тренери, програма за развој на јуниорски категории како  и останати правни акти кои се основни инструменти за транспарентно функционирање на асоцијацијата“,  рече Лазар Лазаревски, претседателот на Снукер Асоцијацијата.
 
Во програмата на работење на Асоцијацијата веќе е вклучена соработка со женски билјард снукер клуб посебно во организацискиот и судискиот дел, како и соработка здружение за лица со посебни потреби, како проекти кои се составен дел од патот на билјард спортовите до влез во Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК). 
 
Во таа насока секако е и заложбата брза интенција во семејството на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК). 
 
„Во најскоро време очекувам да бидете дел од нашето спортско семејство. Вообичаено тоа се случува на крајот од годината, кога е предвидена и годишната конференција на МОК во која има над 60-тина други спортски асоцијации. Верувам дека таа афирмација на овие спортови ќе ви овозможи да бидете уште поуспешни. Имам впечаток дека извонредно сте стартувале, извонредно е таа ваша организација, и по малу имам чувство дека голем дел од останатите спортски организации не се така добро организирани, коко вие денеска кога сте во иницијална фаза на организирање и постоење“, изјави Проф. др. Васил Тупурковски, претседателот на МОК. 
 
Со тоа над 100-тина натпреварувачи од цела Македонија, ќе имаат можност во скоро време да се натпреваруваат во државните првенства во овие спортови, преку кои ќе се стекнат и со право за настап на големите меѓународни натпреварувања, како и Европски и Светски првенства.