Промоција „Блаже Конески во творештвото на Стојчевска-Антиќ“ во Виница
Општинската библиотека „Ванчо Прке“ од Виница ја организираше промоцијата „Блаже Конески во творештвото на Стојчевска-Антиќ“ на која беше претставена книгата “Мојот професор, пророк“ од универзитетската професорка Вера Стојчевска-Антиќ.
Настанот се одржа во рамки на одбележувањето на Месецот на книгата, а за едно од најпромовираните дела на Стојчевска-Антиќ зборуваше професорката по македонски јазик и литература, Тања Анакиева Давитковска.
-Секој обид да се направи макар и куса ретроспектива за делата и заслугите што Конески ги има за македонскиот јазик, литература и култура е невозможен, но преку творештвото на Стојчевска–Антиќ може полесно да се разбере неговата големина на гениј со толку едноставна човечка фигура. Во нејзиното дело таа ги пренесува сеќавањата за нашата најграндиозна личност која се нурна најдлабоко во македонското минато, се извиши највисоко во македонската иднина и со него станавме препознатливи во светот, истакна промоторката Анакиева Давитковска.
Професорката Стојчевска-Антиќ рече дека уште од гимназиските клупи ги почитувала делата на Конески не разбирајќи ја нивната суштина, но кога навлегла во неговата лингвистичка и филозофска мисла сфатила колку голем е тој човек.
– Кога се појави она прогласување на Конески како „џуџето од Небрегово“ кај мене се јави тага и молк што ме натераа да ја напишам оваа книга, која побуди голем интерес во јавноста и досега имаше голем број промоции. Посебно изненадување е што ме поканија на промоција во Солун, на меѓународен саем на книгата, уште пред да се потпише договорот со Грција. Таму делото и значењето на Блаже Конески беа вивнати до небо во обраќањето на најпознатиот грчки поет Костас Валетас, кој изрази жалење што нашиот великан не е признаен како најголем светски поет, по што следуваше неверојатен аплауз, истакна Стојчевска-Антиќ.
Во рамки на промоцијата извадоци од книгата „Мојот професор, пророк“ пренесоа ученици од виничката гимназија, а беше направено кратко претставување и на другите дела на Стојчевска-Антиќ во кои таа пишува за Конески.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
По изборите одлука на Уставен за Законот за јазиците
-
Над 20 судии, обвинители и адвокати за судиското место во Стразбур
-
Тема на денот со Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд
-
Средба Мицкоски - Таравари ќе има, Ахмети не разговарал со Алијанса за општини
-
Фетаи со честитка за „Слободна зона Карадак„ - Избриша видео со знаме на голема Албанија
-
Мерките завршија, граѓаните стравуваат од нагло поскапување во маркетите
-
Јавниот долг на најниско ниво во последните 5 години