Продолжува судењето за „Дива населба“
Во големата сала на Врховниот суд денеска треба да се одржи судско рочиште против обвинетите за тероризам во случајот „Дива населба“.
Целата постапка стартува одново откако судот на почетокот на април донесе одлука „Дива населба“ да се спои со случајот „Молња“, односно со логистичарите кои беа уапсени пред неколку месеци. За настаните од „Дива населба“ обвинети се 29 лица, а како логистичари осум лица.
Сите ги отфрлија обвинувањата, односно негираа дека се терористи, а како невини се изјаснија и уапсените во акцијата „Молња“.
Според Обвинителството, обвинетите се виновни за делата за кои се товарат, а прибавените докази неоспорно укажуваат дека голем дел од обвинетите се познавале и имале континуирани контакти. Обвинетите биле идентификувани со криминалистичко вештачење, односно со совпаѓање на материјалните докази најдени на самото место.
Адвокатите на обвинетите, пак, го оспоруваат вештачењето со образложение дека го направило МВР, истиот орган што ги тужи обвинетите. Бараат тоа да го направи независна институција.
Судењето за „Дива населба“ се одржува во големата сала на Врховниот суд, бидејќи во Основниот суд Скопје 1 нема просторни и безбедносни услови за одржување на судењето во кое има голем број обвинети.
На 9 и на 10 мај 2015 година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.
Ново на Сител
-
Битолчанец крадел електрична енергија и заработил 9.300.955 денари
-
Мицкоски: Судскиот совет да ја преиспита работата на судијата кој ја намали казната затвор за смртта на Теодора
-
Ревизија на ДЗР: Дури 67 отсто од градинките работат со преоптоварени капацитети
-
Уапсен скопјанец во Тетово, возел со 2,15 промили алкохол во крвта
-
Приведен кавадарчанец кој физички ја нападнал баба си и тешко ја повредил
-
Четворица од повредените во Кочани денеска ќе бидат отпуштени од софиската болница „Пирогов“
-
Раниери: Пред да умрам сакам да видам што има надвор од фудбалот
-
Почна аплицирањето за влезници за финалето во Лигата на шампиони