При крај изградбата на пречистителната станица во Струмица
Изградбата на пречистителната станица во Струмица е пред крај, оцени по денешната посета, Јадранка Иванова, раководител на Секторот за Европска унија во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на посетата беше да се види прогресот во изградбата на пречистителната станица која што е проект финансиран од ЕУ во вредност од 6,9 милиони евра. Објектот според плановите треба да биде готов до крајот на октомври годинава.
- Од тоа што можевме да го видиме, работите речиси се при крај, односно, дел од објектите се пуштени во тестирање, го поминаа тестот, дел се подготвуваат за тестирање и се надеваме дека како што и беше планирано до крајот на октомври. Пречистителната станица ќе биде пуштена и во употреба со цел да може сите отпадни води од Струмица да се прочистуваат и потоа како прочистени да се влеваат во реките на подрачјето на Струмица, истакна Иванова.
Според неа, овој проект значително ќе придонесе за заштита на водите, затоа што, како што додаде, водите во реката Струмица повеќе нема да бидат загадени, односно, нема да има негативно влијание од отпадните урбани води од Струмица.
Иванова оценува дека ова е значаен проект за Република Македонија што произлегува од обврските согласно Законот за води според кој отпадните води се прочистуваат и не треба да бидат испуштени во реципиентите без нивно претходно соодветно прочистување.
Пречистителната станица во Струмица се простира на површина од 55 илјади метри квадратни и ќе опслужува 53.419 жители од градот и околните населени места Баница, Добрејци, Градско Балдовци, Сачево, Дабиле, Просениково, Муртино и индустриските зони кои гравитираат кон Струмица.
Ново на Сител
-
Штипска Апелација одлучи предметот за „Пулс“ да го препрати на Врховен
-
Поранешните директори на Онкологија одат во притвор
-
Идната недела пресуда за убиството на Вања и Панче
-
Мерко осуден на казна од 10.000 евра за незаконско именување директори
-
Повторно одложено судењето за Веаповска
-
На Пониква утре заминуваат 46 од повредените во пожарот во „Пулс“ - Во тек е реконструкција на кочанската болница
-
Партиите си разменуваат обвинувања во пресрет на изборите
-
Трошоците за живот растат - Синдикалната кошница во јуни изнесува 64.698 денари