Свет
1. October 2025 - 15:55

Претседателот на Киргистан го поддржа повторното воведување смртна казна во земјата

Претседателот на Киргистан, Садир Жапаров денеска нареди да се започне со изготвување закон за враќање на смртната казна за сторителите на најтешките кривични дела против деца и жени.

Ова барање на претседателот Жапаров следеше по убиството на 17-годишно девојче и јавниот гнев поради злосторството.

Телото на убиеното девојче беше пронајдено на 27 септември, а осомничениот е приведен.

Според глобалниот индекс за жени, мир и безбедност, Киргистан е рангиран како најопасна земја за жените во Централна Азија во последните две години.

Според претседателската администрација, предложениот закон би ја вратил смртната казна за силување на деца и за силување проследено со убиство на жени.

Киргистан досега спроведе мораториум за извршување на смртната казна што беше воведен во 2007 година, што значи дека враќањето на најстрогата казна би барало големи уставни и законски промени.

Во објава на Фејсбук, портпаролот на Жапаров рече дека претседателот го поддржува законот, кој треба да биде одговор на убиството на 17-годишно девојче.

МИА