Loading Video...
Свет
29. April 2025 - 12:27

Преглед на вестите од светот

По 14 денови блокада на јавниот српски информативен сервис, синоќа студентите во блокада од белградскиот Факултет за драмски уметности на социјалните мрежи објавија дека ја прекинале блокадата поради исполнување на барањето за распишување нов конкурс за членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми. На 14 април, студенти ги блокираа влезовите на РТС во центарот на Белград и на Кошутњак . Тогаш објавија дека РТС ќе биде блокиран се додека не се објави изборот на ново свикување на Советот на РЕМ. 

Објавувањето нов конкурс за избор на членови на Советот на РЕМ беше барање на студентите, со цел да се прекине блокадата на зградите на РТС што почна на 14 април во 22:00 часот. За време на седницата, што траеше околу три и пол часа, претставниците на владата и опозицијата изразија дијаметрално спротивни ставови за медиумите, како и за студентските блокади

Шпанското Министерство за внатрешни работи прогласи вонредна состојба по прекинот на снабдувањето со електрична енергија што го зафати целиот Пиринејски Полуостров. Прекинот се случи во 10:33 часот според Гринич. Прекинот предизвика хаос во делови од Шпанија и Португалија, бидејќи семафорите престанаа да работат, предизвикувајќи застој. Транспортните мрежи беа запрени, болниците останаа без струја, а луѓето беа заробени во метрото и во лифтовите. Помладите и туристите секако имаа проблеми и со WiFi мрежите, а прекин имаше и на тенскиот турнир во Мдрид.

Во делови од Шпанија беше побарана помош од централната влада да ја преземе контролата врз јавниот ред и други функции. Шпанското Министерство за внатрешни работи, исто така, ќе распореди 30.000 полицајци за да ја зајакне безбедноста низ целата земја. Снабдувањето со електрична енергија беше обновено за 20 проценти во континентална Шпанија, Ова беше овозможено благодарение на автономните извори на енергија и интерконектори со Франција. 

Операторот на електричната мрежа на Португалија, изјави дека досега нема индикации дека прекинот е предизвикан од кибер напад. Ројтерс, повикувајќи се на португалскиот оператор, јави дека причина за големиот прекин се екстремните температурни флуктуации во внатрешноста на Шпанија.

По објавата на Кремљ дека планира да ги прекине борбите во Украина од 8 мај до 11 мај, по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, американскиот претседател Доналд Трамп јасно стави до знаење дека сака траен прекин на огнот во Украина, а не привремен прекин на непријателствата, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит. Таа додаде дека Трамп „останува оптимист“ во врска со можноста за постигнување договор, но дека е „сè повеќе фрустриран од лидерите на двете страни“ кои, како што рече таа, „мора да седнат на маса и да преговараат за излез од конфликтот“.  Москва објави дека очекува Украина да го прифати примирјето, но предупреди дека, во случај на негово кршење, руските сили „ќе одговорат соодветно и ефикасно“. Во исто време, Русија уште еднаш ја изрази својата подготвеност за мировни преговори без предуслови.