Пратениците не изгласаа разрешување на Дума
Собранието со 48 гласа „за“ и 25 „против“ и без воздржани попладнево во рамки на 85. седница не ја донесе одлуката за разрешување на Виолета Дума, член на ДИК. За разрешување на Дума, на Собранието му беше потребно мнозинство од 82 пратеници.
Претседателот на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата Зоран Илиоски образложи дека Виолета Дума ги исполнува условите за пензионирање и затоа треба да биде разрешена од функцијата член на Државната изборна комисија.
- Во Изборниот законик е утврдено дека функцијата на членовите на Државната изборна комисија им престанува пред истекот на мандатот ако престане еден од условите и тоа поради нивно лично барање, поради нестручно и несовесно работење и поради исполнување услови за пензија. Во Законот за пензиско и инвалидско осигурување во член 18, осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот за маж и 62 години за жена и 15 години најмалку работен стаж, објасни Илиоски.
Тој рече дека за време на разговорите за избор на нови членови на ДИК, било укажано дека Дума исполнува услови за пензија и оти откако ќе биде избрана, треба да биде разрешена.
Горан Мисовски од НСДП потсети дека жените врз основа на Закон имаат право да побараат продолжување на работниот век и оти Дума доставила писмо со вакво барање.
Илиоски посочи дека има право да остане до 64 години и оти Дума поднела барање, но врз основа на автентичното толкување каде се наведува дека доколку со материјални закони се уредени условите под кои престанува функцијата на избраните и именуваните лица поради исполнување на условите старосна пензија, не може да се применуваат одредбите од Законот за работни односи.
- Во рок од осум дена можете да имате член предложен од вас, рече Илиоски, кој потенцира дека би се распишал оглас и оти веднаш по неговото завршување СДСМ би имал член во ДИК.
Според Рената Дескоска од СДСМ предлогот за разрешување на Дума е незаконски и дискриминаторски.
- Сето ова е всушност обид на ВМРО-ДПМНЕ да ја оневозможи ДИК што побрзо и поефикасно да го почне процесот на прочистување на Избирачкиот список преку негова теренска проверка. Ситуацијата околу статусот на Виолета Дума е кристално чиста за разлика од статусот на Силвана Бонева која не го исполнува условот пропишан во Законот да е дипломирна правник со најмалку пет години стаж, рече Дескоска.
Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека Изборниот законик за ДИК наведува дека на член му престанува функцијата поради исполнување услови за старосна пензија и ги наведе претходно посочените закони и автентичното толкување во врска со пензионирањето.
Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека опозицијата прави се само за да се одложат изборите закажани за 24 април и оти нивниот лидер во неколку ТВ интервјуа нафрлал идеи за одложување на изборите и датуми кога тие би се одржале.
Пратениците претходно во рамки на истата седница го изгласаа составот на Анкетната комисија за Фабриката со фалсификувањето лични карти, пасоши, афери и други материјали. Пратеничката група на СДСМ не предложи членови за оваа Анкетна комисија.
Ново на Сител
-
245 000 ученици утре ќе седнат во училишните клупи - 17 250 се првачиња
-
Колку е штетен Чет ГПТ за децата и тинејџерите?
-
Филипче: Иако Мицкоски не’ одби ќе поднесеме документ за црвените линии
-
Партиски активности на кандидатите за градоначалници
-
Инфлацијата кај нас е повисока од еврозоната заради очекувањата дека цените ќе продолжат да растат
-
Недостасува ИТ квалификуван кадар за поддршка на електронските услуги
-
Само двајца пиротехничари ја покриваат цела Македонија, од ДЗС најавуваат промени
-
Панахида за Тодор Александов во штипско Ново Село