Македонија
7. May 2025 - 14:45

Потпишан договорот за изградба на гасниот интерконектор со Грција

НОМАГАС АД Скопје денеска потпиша договор со кумановската фирма Рапид Билд Доо за изградба на гасниот интерконектор со Грција, на потегот од Гевгелија до Неготино во должина од 68 километри, со кој се предвидува целосно да биде готов во рок од 22 месеца и да биде ставен во функција во 2027 година.

Изградбата на интерконекторот е финансирана од Владата, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а чини 59,9 милиони евра или 12 милиони помалку од првичната цена на поништениот тендер.

-Со потпишувањето на договорот за изградба на македонскиот дел од гасниот интерконектор го означуваме почетокот на најголемата енергетска инвестиција во изминатите 10 години. Тој е израз на нашата заложба за енергетска безбедност, диверзификација на снабдувањето и заштита на интересите на граѓаните и економијата. Се работи за 68 километри модерна инфраструктура што ќе не поврзи со Грција, но многу поважно е дека ќе ја поврзе нашата земја со европските енергетски пазари и вредности. Со овој интерконектор отвораме врата за нови можности за граѓаните, за индустријата и за локалните самоуправи, рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска пред потпишувањето на договорот во просториите на Министерството.

Нагласи дека денешниот чин на потпишување докажува дека кога постои политичка волја, регионална доверба и професионална посветеност, резултатите се опипливи и реални.

– Проектот е плод на тесната соработка со нашите партнери од Европската комисија, ЕИБ и ЕБОР. Со нивна поддршка преку грантови, техничка помош и поволни заеми обезбедивме финансиска конструкција за реализација на овој проект. Со тоа конечно ќе имаме алтернативен влез за природен гас, ќе имаме поголема сигурност, повеќе извори и помала зависност од единствен снабдувач што се темели за вистинска енергетска независност, рече Божиновска и додаде дека природниот гас ќе придонесе за намалување на загадувањето и е чекор напред кон поздрава и поквалитетна животна средина.

Бјорн Габриел од ЕИБ рече дека изградбата на интерконекторот ќе придонесе за интеграција на земјава во европскиот енергетски пазар.

– ЕИБ ги финансира и грчкиот и македонскиот дел од гасниот интерконектор. За македонскиот дел финансираме 28,9 милиони евра. На тоа треба да се додадат грантовите од 2,5 милиони евра за техничката подготовка на проектот и 9,9 милиони евра од ЕУ. Мило ми е што денеска се потпишува договорот со македонска компанија изведувач што покажува дека и македонските компании може да бидат конкурентни во интернационалните проекти, рече Габриел.

Претставникот на ЕБОР Фатих Туркменоглу посочи дека станува збор за важен проект за енергетската инфраструктура во земјава и додаде дека е среќен што се дел од него. – Остануваме посветени да помогнеме и во идни вакви проекти, рече Туркменоглу.

Според извршниот директор на НОМАГАС АД Мухамед Елмази, со потпишувањето на договорот се формализира изградбата на еден од најважните проекти за енергетската иднина и стабилност како за нашата држава, така и за регионот. – Посебно е значајно што само за неколку месеци успеавме да ги комплетираме сите процедури за реализација на проектот, рече Елмази и додаде дека фактот што договорот се потпишува со домашна компанија укажува на капацитетот и понудата на домашниот пазар.

Тони Каранфиловски од Рапид Билд Доо рече дека не беше лесно да се дојде до моментот на потпишувањето на договорот, бидејќи имаше многу силна конкуренција од странство.

– Успеавме да ја добиеме работата зашто понудивме најниска цена. Можеме да ветиме дека ќе работиме многу, ќе работиме посветено и максимално ќе се фокусираме да завршиме квалитетно и навремено во рокот предвиден за градба. Тоа можеме да го ветиме денеска, а со работа на терен почнуваме веќе од утре иако веќе од претходно започнавме со разработка на предметот и прибирање на документација, рече Каранфиловски.

Во одговор на новинарско прашање посочи дека гаранција дека навреме ќе го реализираат проектот се веќе завршените и пуштени во работа четири магистрални гасоводи, од кои еден во Бугарија.

-Опремени сме, спремни сме и имаме се што е потребно за изведба во нашата компанија и си ја знаеме работата. Ризик за ненавремено завршување на проектот може да биде само ненавремената експропријација на некој дел од трасата, потенцира Каранфиловски.