Македонија
27. July 2024 - 17:02

Поскапе дневната цена за престој и нега на стари и болни лица во државните геријатриските центри

За 60 денари дневно или 1.800 месечно поскапе услугата за нега и исхрана за стари и болни лица во државните геријатриски центри.

Повеќе граѓани чии блиски се сместени во одделите на Специјализираната болница болница за геријатриска и палијативна медицина “13 ноември” - Скопје се обратија до редакцијата на Сител со тврдења дека не биле информирани за ова, туку дознале кога на последната уплатница им стоело да платат повеќе од 20.000 денари, а претходно сумата изнесувала околу 18.000 ,ако месецот има 30 или 600-тини денари повеќе за 31 ден. 

На што се должи зголемувањето на цената и кога е донесена одлука за истото , и покрај обидите не успеавме да добиеме став од новоназначениот директор на Установата Мухсин Арифи кој 1 недела е на функција.

Од друга страна, извори од таму велат дека повеќе надворешни фактори меѓу кои инфлацијата и зголемените цени речиси на сите производи влијаеле да се зголеми дневната цена за лицата сместени во стационарот, во спротивно ќе била доведена во прашање ликвидноста на установата и не било спротивно на законот. Потенцираат дека ова се однесувало само за услуги за нега и исхрана, додека здравствените услуги не поскапеле. Партиципацијата од ден останала иста.

Објектите во Ѓорче и хосписот во Битола се единствените државни за оваа намена. Сместување таму со месеци чекаат повеќе од 100 лица, а листата постојано се зголемува, бидејќи има 24 часовна здравствена нега и грижа, а престојот во приватните домови за стари лица се движи од 700 до 1500 евра месечно.