Помпео: САД нема да го попречуваат доставувањето хуманитарна помош за Иран
Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во Берлин изјави дека САД нема да застанат на патот на системот на ЕУ за заштита од американски санкции на европските компании што соработуваат со Иран, се додека таа соработка се однесува на достава на хуманитарна помош и трговија со стоки што не се опфатени со режимот на санкции воведени од Вашингтон.
– Во голема мерка сме јасни во врска со трговијата со Иран. Има стоки што се под санкции, но има и такви што не се, изјави Помпео по средбата со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.
Помпео, кој престојува во прва посета на Германија во својство на американски државен секретар, додаде дека за САД нема да биде проблематично се додека системот за заштита на ЕУ има за цел да овозможи трговија со стоки што не се опфатени со американските санкции.
Вашингтон минатата година се повлече од Договорот за иранската нуклеарна програма, што во 2015 година го склучија Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН (Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција) плус Германија. Со Договорот Иран се обврза за укинување на некои аспекти на неговата нуклеарна програма, во замена за делумно олеснување на меѓународните санкции.
По повлекувањето од Договорот, САД ги возобновија санкциите кон Иран, но се заканија и со казнени мерки против земјите и компаниите што нема да ги почитуваат. За да ги заштити европските компании што соработуваат со Иран, ЕУ најави воспоставување систем за стокова размена со цел фирмите да избегнат директни финансиски трансакции со Техеран и евентуални американски санкции.
Системот се уште не профункционирал, но Брисел е оптимист дека тоа ќе се случи во текот на претстојново лето.
Инаку, Германија е првата етапа од европската турнеја на Помпео, во чии рамки тој ќе ги посети и Швајцарија, Холандија и Велика Британија.
Ново на Сител
-
Посебен режим на сообраќај во Скопје
-
САД од утре со 104 отсто царини на увозот од Кина
-
Ја продолжувам работата на Цепенков и Мисирков | Томче Јосимовски | ПРОфесија | Sitel Podcast 089
-
Бројот на жртви по уривањето на покрив во ноќен клуб во Доминиканската Република се искачи на 27
-
Грир: Царините утре стапуваат во сила, паралелно со преговори со некои земји
-
Трамп најави можен договор со Јужна Кореја и чека Кина да се јави
-
Пад на руските приходи од нафта и гас
-
Американските берзи го отворија денот со раст