Македонија
17. January 2023 - 12:41

Полицаец сведочи дека физички бил нападнат од градоначалникот на Крива Паланка

Полицаецот Кристофер Стоевски од Крива Паланка тврди дека градоначалникот на Општина Крива Паланка физички го нападнал. Како што стои во неговиот фејсбук статус, инцидентот се случил на 13 овој месец.

„На ден 13.01.2023 година, односно после полноќ околу 01:50 минути (по датум веќе 14.01.2023) по завршување на забава во Етно Гостилница Воденица 3, јас, Кристофер Стоевски, вработен како полицаец во МВР Крива Паланка, го напуштив локалот со својата девојка. На прославата присуствуваа многу луѓе, па така и паркингот беше полн. По заминување, на 50 метри од влезот се случува судир помеѓу 2 возила, едно во сопственост  на вработен во Селект Кафе . Настаната е материјална штета и секако, на човечки начин без расправии е направен договор како да се покријат тие штети меѓусебе. Бидејќи автомобилите стоеја оштетени на патот, сообраќајот беше во застој само неколку минути, па така видно изреволтиран и во видно алкохолизирана состојба, таткото на Крива Паланка С.М. приоѓа и од нигде никаде, ме напаѓа со 2 шамари затоа што сум чекал со автомобилот на пат, што е согласно законските прописи дека не треба да се поместува возило при сообраќајка. За среќа, немаше никој повреден при судирот, но за жал пак, градоначалникот не ги знае законските прописи, своите обврски и должности, а најмалку и да ги почитува истите. Уште не ја знаеме причината за нападот, но со сигурност можеме да тврдиме дека тоа е дел од скриеното лице кое го покажа на најлош можен начин. Јас не возвратив на насилството ниту физички ниту вербално и како што е пропишано по закон, на професионален начин се јавив веднаш во полиција и го пријавив случајот. Полицијата дојде, направен е записник со притоа огромни притисоци и закани како од таткото на градот  така и од неговиот брат, бидејќи сепак напаѓачот е добро познат на сите - таткото на градот!" - стои во објавата на полицаецот.