Македонија
5. December 2015 - 15:49

Почна продолжувањето на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје

Почна реализацијата на првата фаза од капиталниот проект за продолжување и изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Општина Бутел. Новиот дел ќе се гради на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до после крстосницата со улица „Натанаил Кучевишки“ во должина од еден километар.

Новиот булевар ќе биде со ширина од 40 метри, шест сообраќајни ленти од по 3,5 метри, велосипедски патеки од двете страни со ширина од по 2,5 метри, пешачки патеки од двете страни со променлива широчина и средишно зеленило и ќе биде по сите европски стандарди.

Почетокот на градежните работи го означија премиерот Никола Груевски, градоначалниците на Град Скопје Коце Трајановски и на општините Бутел, Петре Латиновски и на Чаир, Изет Меџити.

Оваа локација, како што истакна Груевски, долги години е завршеток на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ и оттука целиот сообраќај се пренасочува кон внатрешноста на Чаир и Бутел. Посебно згуснување на сообраќајот, нагласи тој, има на улицата „Бутелска“ која ги прима возилата од три страни и претставува главна делница кон Бутел и Радишани. Ваквото слевање на сообраќајот во една улица претставува главна причина за гужвите и метежот што се прави во срцето на Бутел.

- Во првата фаза ќе се пробие сосема нова траса и булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ ќе се спои со улицата „Натанаил Кучевишки“. Во втората фаза од овој проект ќе се изведе дополнително пробивање на булеварот и негово спојување со скопската обиколница, појасни Груевски.

Новиот булевар, нагласи премиерот, ќе биде вистинско растеретување на улицата „Бутелска“ и големо олеснување за жителите на Бутел, Радишани, Чаир и на сите останати кои се движат во овој потег на градот.

- Со овој булевар жителите ќе добијат уште еден влез во Бутел и уште една линија со која се поврзуваат населбите во овој дел од градот. Со тоа продолжува изградбата на булеварите на градот Скопје и главниот град ќе добие уште една нова модерна сообраќајница, која ќе биде од големо значење за подобрување на сообраќајните врски и зголемување на безбедноста во сообраќајот, рече Груевски. 

На новиот дел од булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, како што информира градоначалникот Трајановски, ќе биде поставена нова водоводна мрежа, атмосферска канализација и фекална канализација.

- Ќе биде поставено и ново улично осветлување каде ќе се постават 76 столба со висина од 10 метри, како и нова хоризонтална и вертикална сигнализација. За овој проект Градот Скопје издвои околу 2,6 милиони евра, а треба да заврши за 13 месеци, истакна Трајановски.

Со реализација на овој проект, додаде, Градот Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, која ќе биде од големо значење за подобрување на сообраќајните врски и зголемување на безбедноста во сообраќајот.

- Со изградбата на оваа сообраќајница веќе нема да постојат километарските колони што се прават на улицата „Бутелска“ во утринските часови кога граѓаните од Љубанци, Љуботен, Радишани, Љуботински пат, Чучер-Сандево, од Бутел, треба да дојдат во градот Скопје. Со обиколницата ќе се отвори нова можност за развој на општината Бутел бидејќи оваа сообраќајница поминува низ градежно неизградено земјиште каде во иднина се надевам ќе се изградат многу станбено-деловни и комерцијални објекти кои исто така ќе допринесат за оправдување за изградбата на овој булевар, рече Трајановски. 

Изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош, според градоначалниците на Бутел и Чаир, е нова порта кон обиколницата, што ќе го растерети сообраќајот во овој дел од градот.

- Не само во сообраќаен поглед, општината Бутел и во еконсомски поглед ќе доживее нов инвестициски бум. Се надевам дека овој простор околу булеварот многу брзо ќе стане градилиште, рече Латиновски.