Македонија
24. May 2024 - 16:37

Партиите на Бошњаците и Србите во Македонија со поделени мислења за усвоената Резолуција за геноцидот во Сребреница

Усвоената резолуција за геноцидот во Сребреница, за која Македонија гласаше ЗА и беше коспонзор, предизвика реакции од различните заедници во земјава. Партиите на бошњаците и србите во Македонија со поделени ставови.

Од Бошњачкиот демократски сојуз ја поздравија македонската Влада што била коспонзор на резолуцијата, а според нив таа ќе послужи за понатамошно градење мир во регионот.

Но, од Демократската партија на Србите во Македонија пак, велат дека жалат поради тоа што Македонија решила да ја коспонзорира резолуцијата. Наместо пријатели, земјава одбрала да бидат само партнери со Србија.

Со усвоената резолуција во генералното собрание на ОН, 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, се осудува негирање на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.

Министерот за надвоешни, Бујар Османи по гласањето во Њујорк напиша:

Патот кон подобра иднина вклучува почитување на споменот на жртвите и поддршка на преживеаните од сите злосторства извршени против човештвото и геноцидот во 1995 година во Сребреница, како и подвлекување на улогата на меѓународните судови во борбата против неказнивоста.

84 земји гласаа ЗА, 19 против, а 68 беа воздржани- резолуцијата предизвика реакции најмногу од српската и бошњачката страна, за земјите кои ја поддржале или негирале резолуцијата.

Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ по усвојувањето на резолуцијата изјави дека ќе и биде исклучително тешко да продолжи да работи со земјите кои биле спонзори и коспонзори на резолуцијата. Министерот за надворешни работи во Советот на министри на БиХ, пак најави протестни ноти за земјите кои гласале против резолуцијата.

Од земјите од регионот ЗА резолуцијата покрај Македонија гласаа Албанија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, а Грција остана воздржана.

Меѓу земјите кои беа против се Србија, Русија, Белорусија, Унгарија, Кина.