Македонија
19. April 2025 - 20:20

Почина Тоше Поп-Симонов

Истакнатиот македонски композитор, продуцент и аранжер, Тоше Поп - Симонов почина денеска на 63 годишна возраст.

 Поп-Симонов својата музичка кариера  ја започна во 1980-тите, како еден од основачите и гитарист на култната скопска рок група „Бастион“, а потоа и гитарист на рок бендот „Асторија“.

Тој остави силен белег на македонската музика во периодот на 1990-тите, кога соработуваше со речиси сите позначајни имиња од поп, рок, како и од фолк сцената во земјава и изведувачи од регионот, меѓу кои и Тоше Проески, Мизар, Архангел, Меморија, Анастасија, Дарио, Верица Пандиловска, Силви бенд, „Фрајле“ и Алка Вуица.

Неговите пријатели и соработници се простуваат од него со објави на социјалните мрежи. 

Погребот на Поп-Симонов ќе се одржи во вторник, на 22 април 2025 година, на градските гробишта во Бутел од 11:30 часот.