Македонија
7. May 2025 - 12:39

Почина Филип Аврамчев, поранешен директор на Универзална сала

Либерално-демократската партија соопшти дека почина Филип Аврамчев – нивни долгогодишен член, активист и поранешен директор на Универзална сала. Веста за неговото заминување беше објавена на официјалната страница на партијата на Фејсбук.

„Со длабока тага и неверување се збогуваме со Филип Аврамчев, наш долгогодишен член и актуелен член на партиските органи на ЛДП, докажан либерал и наш истакнат активист и борец. Либерално-демократската партија изразува длабока жал и сочувство до семејството Аврамчеви и најблиските роднини и пријатели. Не постојат зборови кои можат да ја надоместат штетата и да послужат како утеха во мигови како овој, но Филип ќе го паметиме ведриот дух, непресушните идеи за подобро утре и моментите поминати заедно како сопартијци, но уште повеќе – како пријатели и партиски другари“, пишуваат од ЛДП.

Аврамчев е роден во Скопје, своето образование го стекнува во родниот град, во Оклахома, Атина и во Женева. Помеѓу кариерата во приватниот сектор, беше дел од тимот во 2013 година во Општина Центар, потоа беше директор на ЈУ „Универзална сала“ – Скопје, за на крај, државниот повторно да го замени со бизнис секторот, додаваат од ЛДП.

Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 8.5.2025 (четврток) во капелата на градските гробишта Бутел во Скопје во 11.00 часот.