Македонија
7. May 2025 - 16:40

„Најголема енергетска инвестиција во последните 10 години“ - Почнува изградбата на интерконекторот со Грција

Потпишан договорот за изградба на гасниот интерконектор со Грција, на делницата од Гевгелија до Неготино. Македонскиот дел е долг 68 километри. Треба да биде готов за 22 месеца и да профункционира во 2027 година. 

Ова е најголемата енергетска инвестиција во последните десет години, вели министерката Божиновска. 

„Кога дојдов на местото министер првата вест што ја дочекав летоска беше дека тендерот кој беше 9 месеци е поништен и беше предизвик за сите нас да продолжиме незнаејќи дали ќе добиеме повисока цена, што ќе се случува и еве на крај конечно тука денес ќе се потпише договорот за изградба. За нас е важно што е локална македонска фирма и што цената е 12 милиони евра поевтина од претходно добиената. 12 милиони евра се сериозни пари кои може да се пренаменат и да се употребат за нешто друго во енергетскиот систем“ – Сања Божиновска, министерка за енергетика

Според неа, природниот гас ќе придонесе за намалување на загадувањето особено во општините каде се уште се користи нафта, јаглен и дрва за затоплување.

Изградбата е финансирана од Владата и европските банки и чини околу 60 милиони евра.

„Потпишувањето на договорот со домашна компанија претставува и потврда за капацитетот и понудата на домашниот пазар, преку одредбите за квалитет, компетентност и особено значајно во контекст на современите економски услови финансиска исплатливост“ – Мухамет Елмази, извршен директор на НОМАГАС

Од компанијата изведувач велат дека веднаш ќе почнат со работа на терен и ги имаат потребните ресурси за сите фази.

„Си ја знаеме работата. Стручно, обучени, добар персонал. И мислам дека нема да имаме никаков проблем да го завршиме овој проект квалитетно и навремено“ - Тони Каранфиловски, сопственик на „Рапид Билд“.

Вкупната должина на целиот гасовод е 123 километри, а од грчка страна е речиси готов.