Македонија
4. јуни 2025 - 16:34

По предлог на Вајц, одложено гласањето за предлог-извештајот за напредокот на Македонија

Известувачот на ЕП за Македонија Томас Вајц го одложи гласањето за напредокот на земјата на состанокот на Комистетот за надворешни работи на ЕП. Иако на стартот на расправата побара гласањето да биде одложено за 24 јуни, Вајц тврди дека цврсто стои позади содржината на извештајот. По обвинувањата на бугарските европратеници дека имал тајни средби со македонски претставници во пресрет на гласањето, Вајц им порача дека нема намера со извештајот да се решаваат билатерални прашања. 

- Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, рече Вајц. 

По случувањата во ЕП, од македонската Влада за Сител велат:

- Одложувањето не е работа која зависи од нас, но цениме дека е резултат на нашите напори извештајот да биде изгласан онака како што беше предложен, без никакви промени. 

Во овој извештај за првпат се употребуваат термините посебен македонски идентитет и посебен македонски јазик, а токму поради ова бугарските европратеници бараат на оваа формулација да биде вметната придавката „сегашен“. 

Македонскиот државен врв ваквите обиди од бугарска страна да се наметнат нивните позиции веќе ги оцени како неприфатливи. Истовремено беше испратена и порака до Брисел дека ова е шанса за Европа да ја исправи историската неправда нанесена на нашата држава. Македонија очекува поддршка од мнозинството европратеници за извештајот откако премиерот повика македонските партии да лобираат кај нивните сестрински партии.