По ДОМ и Партијата на пензионерите ја напушта СДСМ
По ДОМ и Партијата на пензионерите официјално ја напушта коалицијата на СДСМ. Социјалдемократите неколку месеци пред локалните избори се соочуваат со проблем да ги задржат помалите, но традиционални партнери на своја страна.
Претседателот на партијата на пензионерите Николовски вели дека одлуката била неминовна, бидејќи такво било расположението на членството. Дополнително, во вторник ќе биде донесена и официјална одлука оваа партија да влезе во преговори со владејачката ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори. Николовски веќе му ја соопштил одлуката на Филипче.
Во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ пензионерите бараат советници во повеќе општини, потоа кандидат за градоначланик во Карбинци, но и членство во управни одбори на локално и на централно ниво. За Николовски е важно партијата на пензионерите да добие места во управните одбори во ПИОМ и ФЗО.
Од СДСМ засега не признаваат дека имаат проблем во коалицијата.
„Секоја партија носи одлуки врз база на сопствени проценки иако сметаме дека ваквата одлука дилгорочно ќе се покаже погрешна за Партијата на пензионерите. Традиционалната коалиција предводена од СДСМ продолжува со соработка, разговараме и за потенцијално нови коалициски партнери, заедно ќе ги понудиме најдобрите решенија за граѓаните на локалните избори“, велат од Бихаќка.
Идентичен одговор СДСМ даде и претходно кога и ДОМ објави дека излегува од колацијата. Преку соопштение ДОМ објавија дека се работи за принципелен чекор за заштита на интегритетот на партијата. За локалните избори најавија „Коалиција за зелена иднина“, отворена платформа за идеи и поддршка на автентични локални кандидати од граѓаните за граѓаните. Сличен концепт најавија и од ЛДП на Зајкова. Иако формално одлуката не е донесена на локалните избори одат самостојно, а не е исклучено да сорабтуваат со граѓански и независни кандидати за градоначалници и советнички листи.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар