Македонија
28. јуни 2025 - 16:34

По одлуката на Уставен, ВРЕДИ и ДУИ се судрија за пописот во 2021

Одлуката на Уставниот суд за укинување на методологија по која беше спроведен последниот попис од 2021 година го вжешти предизборно албанскиот политички блок. За владејачката Вреди пописот бил политички проект, дизјаниран да ги сведе Албанците на хартија и да ги исклучи, како што велат, од процесот на донесување одлуки. 

„Со потписот на ДУИ и техничката имплементација на СДСМ, Државниот завод за статистика беше трансформиран во инструмент за манипулација, делејќи ги Албанците на „резиденти“ и „нерезиденти“, незамислива поделба, која имаше само една цел: да ги исклучи од пресметката илјадниците Албанци од дијаспората. Нашата дијаспора, која со децении ја одржуваше економијата на оваа земја, беше третирана како невидлива, како статистички безвредна, како проблем што треба да се избегне....Јавно прашуваме: Како е можно во Речица е на пописот да се брои само 1.653 Албанци над 18 години, додека на последните избори само за албанските партии беа дадени над 2.400 гласови?“, изјави Блерим Сејдиу, ВЛЕН.

Додека во Вреди одлуката на Уставниот суд ја сметаа како праведна, од опозциската ДУИ истата одлука ја сметаа како дел од координирана кампања на власта за дискредитација на последниот попис. Од Мала Речица тврдат дека власта преку ревизија на сите постигнувања што биле направени од интегративците сака да направи нов политички попис со кој ќе била вратена, како што велат, системската нееднаквост. 

„Тоа е опасен обид за поткопување на темелите на соживот, за реализација на етноцентристички и aлбанифобски агенди и за рушење на кревките меѓуетнички односи. ДУИ остро го осудува овој процес и порачава дека секој што ќе се обиде да го загрози уставниот поредок, Охридскиот договор, етничката еднаквост и соживотот, ќе сноси политичка, правна и морална одговорност. Нема да дозволиме децениски напори да бидат поништени. Мирот, еднаквоста и соживотот се црвени линии, зад кои ДУИ секогаш ќе стои цврсто“, стои во соопштението на интегративците.

Од ДУИ тврдат дека пописот од 2021 година бил законски, транспарентен и целосно мониториран од домашни и меѓународни набљудувачи.

Вчера премиерот Мицкоски, но и вицрепемирот за добро владеење Фетаи беа децидни дека потребно е обвинителството да побара одговорност од поранешните функционери по одлуката на Уставниот суд со која практично се укинува можноста нерезидентно население да влезе во пописните резултати.