Македонија
28. јуни 2025 - 16:36

Филипче во Берлин ќе лобира против „современ“ македонски јазик

И опозициската СДСМ ќе се вклучи во лобирање по европските сестрински партии за да не помине амандманот за придавката „современ“ пред македонски јазик пред пленараната седница на Европскиот парламент. Лидерот на партијата Венко Филипче е во посета на Берлин каде ќе учествува на Конгресот на Социјалдемократската партија на Германија, сестринска партија на СДСМ. Таму ќе има и билатерлана средба со ко-претседателот на СПД Ларс Клунгбајл, кој воедно и е и вицеканцелар. Во фокусот на состаноткот ќе биде токму Извештај на известителот Вајц за Македонија.

- Денес на средбите ќе ги пренесам ставовите на СДСМ и ќе ги бранам позициите на Македонија. Извештај со амандман за додавка „современ“ пред јазикот не смее да помине. СДСМ од почетокот силно лобира и се бори амандманот за јазикот и идентитетот да не бидат дел од извештајот, и во следните две недели ќе дадеме максимални напори да го повториме успехот од претходните години кога ваквите обиди успешно ги сопревме.

Филипче ја обвинува власта за тоа зошто државата се нашла во ваква состојба да брани нешто што според него било веќе обезбедено. 

- СДСМ обезбеди македонскиот јазик и идентитет во ЕУ да бидат чисти, признати и без никакви додавки. Ова беа нашите црвени линии од кои никогаш не отстапивме. По само една година од власта на ВМРО-ДПМНЕ, оваа позиција е нарушена. Се појавува сериозен ризик за носење извештај во кој јазикот ќе биде со додавка „современ“, а ние тоа не смее да го дозволиме. Тоа Владата не смее да го дозволи, и меѓу другото, сметаме дека е резултат и на погрешната надворешна политика во целата измината година.

Сепак лидерот на СДСМ вели дека е целосно отворен и спремен за соработка со ВМРО-ДПМНЕ за исцртување на црвените линии за Македонија.

Власта и опозцијата се судрија за извештајот на ЕП и амандманот излобиран од бугарските европратеници за македонскиот јазик и на седницата за пратенички прашања. Премиерот Мицкоски смета дека тој е доказ дека претходната власт не успеала да го сочува македонскиот јазик и индетитет во преговорите со Софија за т.н. француски предлог. 

Европксиот Комитет за надворешна политика минатата недела го усвои извештајот во неговата изворна форма, без поднесениот амандман, но конечното гласање на пленарната седија на ЕП во Стразбург треба да се случи најдоцна до 10 јули. Бугарите веќе најавија дека повторно ќе биде поднесен истиот амандман.