Персоналец ќе плаќаат сите земјоделци
Нерегистрираните земјоделци од 1 јануари ќе плаќаат персоналец. Одреден паушал кој ќе го одредува УЈП ќе плаќаат и тезгаџиите на зелените пазари. Според предложените законски измени откупувачите ќе го плаќаат данокот за сите производители од кои ќе купат продукти, односно ќе го одбиваат персоналецот од парите кои ќе ги исплатат на земјоделците. Со ова ќе бидат оданочени и сите производители кои остваруваат приходи до 300 000 денари а досега беа ослободени од плаќање на данокот. Друга измена е тоа што сите земјоделци кои ќе остварат приход од милион денари ќе мора да се регистрираат.
„Се предлага лицата кои во текот на годината ќе остварат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи до 1.000.000 денари, да го плаќаат персоналниот данок на доход по одбивка, што подразбира дека исплатувачите при исплатата на приходите на лицата во нивно име и за нивна сметка ќе го пресметаат и платат персоналниот данок на доход. На овој начин се менува постојното законско решение согласно кое лицата кои остваруваат приходи од земјоделска дејност кои не го надминуваат износот од 1.300.000 денари, го плаќаат персоналниот данок на доход според паушално утврден приход и имаат обврска секоја година до Управата за јавни приходи да поднесуваат барање за остварување на правото на паушално оданочување, стои во измените на Законот.
Од Управата за јавни приходи која е предлагач на измените велат дека со ова треба да се стави ред во плаќањето а со тоа ќе се зголемат и буџетските приходи по овој основ. Сите земјоделци ќе влезат во системот што го подготвува управата., а персоналец ќе плаќа и секој тезгаџија во износ кој ќе го утврди УЈП.
Паушалниот нето приход од ставот го утврдува органот за јавни приходи врз основа на висината на закупнината на продажното место на зелениот пазар и големината на нето приходот на обврзникот кој под исти или слични услови врши иста или слична дејност.”
Предлог Законот со вклучените измени треба да се донесе по скратена постапка во Собранието. Од Управата информираат дека дури следниот месец ќе излезат со подетални информации за сите предвидени измени.
-
Александра Десподовска
Сите содржини од овој новинар